Аеродром повторно станува место каде се инвестира, ги следиме потребите на граѓаните, реагираат од општината на прес конференцијата на СДСМ

Во Општина Аеродром се градат инфраструктурни проекти, се вложува во улици и сообраќајници, се градат водоводи, училишта и градинки и тоа се проекти наменети за граѓаните на општината. Безобразно, смешно и некоректно е инвестиции кои се реализираат од буџетот на општината и со помош на странски донатори да се политизира и да се гледаат низ политичка и партиска призма. Ова е реакцијата на општината Аеродром на денешната прес конференција на СДСМ. 

- Тоа не се пари на градоначалник или партија, тоа се средства на граѓаните кои се инвестираат исклучиво во проекти наменети за нив. И тоа се пари кои за разлика од претходно, денес се наменети исклучиво за развој и економски раст, а не за провизии, судски трошоци и партиски бизнис како што беше случај претходно, се вели во реакцијата. 

Од општината додаваат дека отвореноста и транспарентноста е силната страна на Општина Аеродром и нејзината администрација.

- Токму поради тоа апелираме до опозициската СДСМ да дојдат и како конструктивна опозиција заеднички да дискутираме за најразвојниот буџет кој ќе се донесе за 2023 година. Да разговараме за најголемиот парк која ќе се направи на територија во Аеродром и за реконструкција на десетици училишта, градинки и улици. Така, а не со монтирани прес конференции се покажува грижа за граѓаните, велат понатаму тие. 

- Држењето прес конференции, со истрошени флоскули и каде без дебата се разговара само со камерата се одраз на стравот и аматеризмот кој владее во редовите на оваа политичка партија. Стравот да се соочат со фактот дека Општина Аеродром интензивно се развива и аматеризмот, односно непознавање на процедурите за работа и законските прописи.  Единствен факт кој граѓаните го знаат е дека општината повторно станува место во кое се инвестира. Период од една година посветен на инвестиции, прогрес, развој и вложување во проекти за граѓаните кои пак го препознаваат и поддржуваат тоа, додаваат во реакцијата. 

Од таму потенцираат дека и понатаму интензивно ќе вложува во проекти кои ќе бидат исклучително мотивирани од потребите на жителите на општината, а не од дневнополитичките и партиските интереси на било кој поединец или политичка партија.

- Задоволните граѓани се императив во нашата работа и токму поради тоа креираме политики кои се насочени кон остварување на таа цел, завршува соопштението од Аеродром.