Аеродром нуди субвенции: Максимални 3.000 за велосипед или 5.000 за електричен тротинет

Општина Аеродром во понеделник, 4 јули, го отвора јавниот повик за надоместување на дел од трошоците за набавка на велосипеди, а субвенциите од оваа година се проширени и ќе се однесуваат и на електрични тротинети:

- за велосипеди во износ од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари;

- за електричен тротинет во износ од 30% од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 5.000 денари по лице.

Заинтересираните граѓани е потребно да поднесат:

- Барање за надоместок (барањето може да се подигне во архивата на Општината или да се обезбеди од веб-страницата, почнувајќи од понеделник)

- Фотокопија од лична карта или пасош како доказ за жителство во Општина Аеродром

- Фотокопија од трансакциска сметка на барателот

- Оригинална фискална сметка или фактура со датум од тековната 2022 година како доказ дека е извршено купување велосипед и електричен тротинет -

Изјава (која може да се подигне од архивата или на линкот), со која барателот под полна материјална и кривична одговорност ќе потврди дека нема добиено субвенции од друга институција.

Документацијата се поднесува во архивата на Општина Аеродром секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот во затворен плик со намена за „Јавен повик за субвенции за граѓаните на подрачјето на Општина Аеродром за купување велосипеди и електрични тротинети за 2022 година“ со назнака „НЕ ОТВОРАЈ“.