Аеродром ќе се ослободува од опасен отпад!

Друштвото за управување со отпад „Нула отпад“ и Општина Аеродром ќе спроведат акција во која граѓаните ќе можат да се ослободат од нивниот опасен отпад. Акцијата ќе се реализира утре (сабота), во урбаната заедница на Ново Лисиче. 

Граѓаните од населбите Ново Лисиче, Реонски центар и Февруарски поход, ќе имаат прилика да се ослободат од електронскиот и електричниот отпад. 

Под електронски отпад се подразбира статични и лаптоп компјутери, тастатури, глувчиња, кабли, звучници, слушалки, домашни телефони и мобилни телефони, МП3 плеери, монитори, телевизори, дигитални камери и видео-камери, принтери, скенери, факс-машини и стерео системи, додека под електричен отпад се подразбира шпорети, машини за перење облека и садови, греалки и грејни тела, микробранова печка, машина за правење леб, апарат за кафе, други апарати од домаќинство, како и клима-уреди.