
Општина Аеродром започнува постапка за воспоставување јавно-приватно партнерство за реализација на проектот „Модернизација на јавното осветлување“ – значаен чекор кон современа, енергетски ефикасна и безбедна општина, информираа од општината.
Како што известуваат, оваа одлука беше изгласана денеска на седницата на Советот на Општина Аеродром.
- Со овој проект ќе се воведе нов, модернизиран систем на јавно осветлување со примена на современи технологии за автоматизација, управување и поставување штедливи светилки што ќе овозможи подобро осветлени улици, поголема безбедност и значителна енергетска ефикасност, известија од локалната самоуправа.
Преку моделот на јавно-приватно партнерство, приватниот партнер ќе ја преземе обврската за финансирање, управување и одржување на системот, како и трошоците за електрична енергија во одреден период, што претставува одговорен и одржлив пристап кон модернизацијата на инфраструктурата.
Оваа инвестиција значи:
- помала потрошувачка на електрична енергија
- современ систем за контрола и автоматизација
- поквалитетно и поефикасно јавно осветлување
- поголема безбедност за граѓаните
- модерна и зелена урбана средина
- Постапката ќе се реализира транспарентно и согласно со законските процедури, преку отворена постапка, со цел избор на најповолно решение за граѓаните на Општина Аеродром. Продолжуваме со проекти што носат модернизација, ефикасност и подобри услови за живот во секој дел од Аеродром, порачаа од општина Аеродром.