Аеродром доби нови детски катчиња и урбана опрема

Со цел да се унапреди квалитетот на урбаниот живот и да се создадат подобри услови за рекреација и забава на граѓаните, oпштина Аеродром во периодов работи на реализација на неколку значајни инфраструктурни проекти.

В. д. градоначалникот, Дејан Митески, денеска изврши обиколка на локациите каде што се работи, при што истакна дека овие проекти се дел од континуираната заложба на oпштина Аеродром за подобрување на урбаната инфраструктура и квалитетот на живот во сите делови на општината.

Во населба Лисиче, во паркот спроти Крстот, е поставено ново детско игралиште, опрема за вежбање на отворено, извршена е целосна реконструкција на кошаркарското игралиште, како и инсталација на ново ЛЕД-осветлување, со што ќе обезбеди поголема безбедност и можност за користење на просторот и во вечерните часови, информираа надлежните. 

- Исто така, покрај булеварот „Февруарски поход“ во населба Ново Лисиче, на целосно нова локација, е поставено современо детско игралиште, со што нашите најмали жители од овој дел на Аеродром можат да се дружат и да се забавуваат во убаво уредена урбана зона, порача Митески од терен. 

Во паркот „Јане Сандански“, пак, се работи на комплетна реконструкција на урбаната опрема, со што просторот добива нов, модерен изглед и обезбедува пријатна и функционална околина за одмор, дружење и рекреација за сите генерации, особено во топлите летни денови.

- Ги повикуваме граѓаните активно да ги користат новите содржини и заеднички да се грижиме за нивното одржување, вели првиот човек на општината.