
Адвокатот Јанаки Митровски реагира за случајот со Ива Михајлова, оценувајќи дека наместо да ѝ помогне, актуелната ситуација може да ѝ создаде дополнителни проблеми, особено во однос на нејзиното движење низ Европа.
„Многу јака ‘услуга’ ѝ направија бугарскиве шовинисти на Ива Михајлова. Нема да може да излезе од Бугарија, дури и да седи во Шенген-зона е под ризик“, наведува Митровски во својата реакција на социјалните мрежи.
Тој се осврнува и на околностите под кои се случил случајот, посочувајќи дека, според неговата правна процена, возраста на Михајлова, фактот дека претходно не била осудувана и тоа што станува збор за дело од небрежност можеле да влијаат врз исходот на постапката.
„На тие околности, 23 години, неосудувана, од небрежност, дури и да ја огласеа виновна, можеше да помине со условна“, смета адвокатот.
Митровски оценува дека случајот може да биде користен за политичка и медиумска промоција, по што интересот за Михајлова би исчезнал.
„Вака, ќе ја користат, ќе ја шетаат како бела мечка да ги поживее петте минути слава, и толку, ќе ја заборават“, наведува тој.
Во својата реакција, адвокатот го споменува и случајот со Пендиков, прашувајќи дали некој во Бугарија сè уште зборува за него.