Адвокатот Миланов бара изземање на Јанева од „Титаник 3“ поради тензиите во СЈО

Адвокатот на обвинетиот Исмет Гури во предметот на СЈО, “Титаник 3”, Еленко Миланов побара да биде изземена Катица Јанева и обвинителите Гаврил Бубевски и Фатиме Фетаи, зашто, како што кажа, биле во директни конфронтации и спротиставености со шефицата на СЈО.

Миланов рече дека за тоа треба да даде мислење Советот на јавни обвинители, а да одлучи Собранието, поради одредбите од Законот за СЈО, во кој единствен потписник на решенијата е Јанева.

Судијката Марија Клетничка му рече да го појасни барањето за изземање и да ги наведе причините поради кои бара изземање. Миланов ги повтори истите ставови и се повика на Законот за кривична постапка. По ова судијката даде едночасовна пауза за да одлучи за барањето.

Во третиот „Титаник“ на СЈО обвинети се пратеникот на ДУИ, Ејуп Аљими, и Исмет Гури, заменик директорот на УЈП Скопје. Како членови на општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година уништиле изборен материјал.

Според обвинението, Аљими и Гури влијаеле директно врз изборниот резултат и ја фалсификувале изборната волја на граѓаните на Чаир за да остварат политичка моќ. Првото рочиште за предметот се одржа на 16 март 2018 година.

Досега се сменија две судијки за предметот: Гордана Спиревска и Оља Ристова. Судијката Ристова беше изземена од судењето, поради изјава на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева која придонела за „неосновано медиумско влијание и притисок“ врз постапката. Јанева јавно рече дека не е задоволна од начинот на кој судијката Ристова ја води постапката.

Пресудата сега треба да ја донесе судијката Марија Клетничка, која го ослободи Драган Павловиќ Латас од обвинението за бесправното градење на викендичките во Зелениково.

Обвинителот Гаврил Бубевски од СЈО, пак, поднесе кривична пријава за закани кон него против адвокатот на Ејуп Алими, Мефаиљ Арслани.