Адвокатите бараат одложување на „Титаник“ поради „Рекет“, судијата одби

Адвокатот Петар Василев кој е бранител на обвинети во случајот “Титаник”, побара одлагање на денешното рочиште за предметот „Титаник“, поради случајот “Рекет” и оставката на Катица Јанева, но судот не дозволи.

“По новонастаната ситуација, сметам дека е доволна причина да се одложи денешното рочиште. Нема никаква намера за одолговлекување. Чисто како можност за предметот и правдата да се даде да се расчистат некои работи. Алудираме и на оставката од Катица Јанева“, рече адвокатот Петар Василев.

Според судијата Шабани, нема законски пречки за да се откаже судењето каде се изведуваат докази.

“Зборуваме за предмети кои се во надлежност на друго обвинителство. Што ќе се докаже и што ќе се случи, ќе видиме. Нема законски пречки за одржување”, рече судијата Осман Шабани.

На судењето дојде и обвинителката Лиле Стефанова од СЈО. Присутни се и сите обвинети, а дел од нив имаат нови бранители поради летните одмори.

На почетокот, судијата Осман Шабани соопшти дека тој не добил решение дека Миле Јанакиески е во куќен притвор. Јанакиески за разлика од минатиот пат, сега е донесен на судењето.

Последното рочиште за овој предмет не се одржа, а беше закажано за 26.06. Обвинетите се товарат за изборни нерегуларности, а на рочиштето се изведуваат докази.