Адреналинскиот парк во Карпош се очекува да биде готов до крајот на годината

Изградбата на адреналинскиот парк кој ќе се протега на вкупна површина од 6.500 м2, се очекуваше да започне во мај годинава, но се уште се прават подготовки. 

- Верувам дека во текот на летото ќе почне да се поставува паркот имајќи предвид дека и самиот проект е ограничен со рокови, односно треба до одреден период да биде целосно завршен и да се пушти во употреба. Имајќи предвид дека не се работи за некоја градба, тоа е поставување урбана опрема, реквизити, детски игралишта, нови скверови, многу повеќе зеленило, практично целиот простор кај вештачката карпа којшто сега е на некој начин депонија се оплеменува, така што имајќи предвид какви зафати ќе има, мислам дека ќе оди брзо и дека многу скоро граѓаните на Карпош и граѓаните на Скопје и на државата, ќе имаат едно уникатно катче какво што досега немало во државата, кое ќе го користат за дружење, рекреација и дополнително зеленило што ќе придонесе во борбата за чист воздух и здрава животна средина, изјави градоначалникот Богоев во интервју за Слободен печат

Ќе биде реконструирано детското игралиште на површина од 480 м2,  скејт-паркот на 1.100 м2, ќе биде изградено ново игралиште за одбојка и фудбал на песок, а атрактивниот адреналински парк за возрасни и деца ќе биде изграден на три нивоа, кој ќе се позиционира на површина од 1.600 м2.

Богоев очекува адреналинскиот парк да биде готов до крајот на годината, а подготовките да започнат летово.