Административците „трн во око“ затоа што се многубројни

Вработените во јавниот сектор и денеска во генерален штрајк. Бараат итно повисоки плати и исплата на годишен регрес.

Дел од локалните самоуправи веќе им ги зголемија платите на своите вработени.

Штрајкот уште еднаш ја покрена вечно актуелната тема во земјава – за бројот на административци и нивната продуктивност.

Многумина сметаат дека мора да се преполови бројот на вработени во јавен сектор.

Професорот на правниот факултет „Јустинијан Први“, Борче Давитковски, за ТВ24 вели дека мора да се направат вистински реформи во јавниот сектор и по цена да се загуби власт во услови на економска криза.

- 20 до 30 отсто од буџетот се даваат за плати, каде е развојната компонента: Ние одиме во правец на банкрот држава. Ние ако вака продолжиме да се задолжуваме, некој ќе мора да ги враќа тие кредити. За да имаме вистински реформи треба заедно за одредени стратешки развојни цели да се договорат власта и опозицијата, како да се скрати јавната администрација, да се реформира енергетскиот, здравствениот и образовниот систем. На тоа да се потпишат и да се придржуваат.

Давитковски смета дека во државната администрација бројката од 18 до 19.000 вработени е задоволителна, но во јавниот сектор како поширок поим таа е преголема.

- Во образование имаме 40.000 вработени, пола се администрација и даватели на услуги. Во Здравство има до 22.000 вработени. Да не ја споменувам културата и јавните претпријатија. Оптимална бројка за наредни пет години е таа да се преполови и да дојдеме до бројка од 100.000. Тоа би било идеална стартна основа.Тоа не се прави преку ноќ, ќе бидат потребни закони и политички компромис. Платите во буџетот барем да ги сведеме на 10 до 15 отсто, смета професорот.

Голем дел од граѓаните се согласуваат дека непотребно има вработени кои земаат плата од државниот буџет, за минимум сработено.

-Црната дупка на Македонија што се вика јавна администрација. Секој што знае 5+5 знае и дека Македонија има страшен економски, социјален и трудов проблем со преголемата јавна администрација, вели еден граѓанин. 

- Приватното го полни Буџетот за да има за државното...

- Ако не им се бендисува да работат во државни институции каде се прекубројни и немаат каде да седнат или уште полошо ние сме единствена држава во свет каде се вработуваат преку рамковен договор, дури и самите не знаат каде работат, седат дома и земаат личен диход тогаш нека дојдат во приватен сектор, вели друг граѓанин.