Државниот ревизор Максим Ацевски вели дека дури 40 отсто од високообразовниот кадар си заминал од МАкедонија. И во светски рамки сме во врвот на емиграцијата на висококвалификуваните кадри, и го заземаме 20-тото место додека во рамки на ЕУ сме дури на 5-тото место
ДЗР во извештајот заклучува дека со спроведената ревизија и применета ревизорска методологија и прибраните ревизорски докази стекнале уверување дека активностите на Владата како носител на политиките за управување со миграцијата не се ефективни за намалување на одливот на високообразовниот кадар од државата.
Дали овие податоци се реални имајќи предвид одредени отстапувања, рече Ацевски, не би можел да кажам, но бројот на високообразовните кадри што заминуваат е висок.
Според извештајот, вкупниот ефект на опортунитетниот трошок во однос на изгубен БДП кој не е генериран заради годишната емиграција на вкупното население од државата се проценува на 5,15 проценти од БДП на годишно ниво. Доколку на ова се додаде реално изгубената инвестиција во образованието во овие кадри која во просек изнесува 3,19 проценти годишно од БДП, вкупниот негативен економски ефект рефлектира вкупна загуба од 8,34 проценти од БДП на годишно ниво.
Ацевски истакна дека државата не успеала да формира единствена база на податоци за да има бројка на одлив на високообразовани и стручни кадри. Како пример посочува дека во 2023 /2024 имало околу 23.000 слободни места за упис на државните универзитети, а се запишале само 10.000. Според државниот ревизор, недостасува и точен мониторинг и колку реално студенти можат да запишат универзитетите.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека бројката што се презентира е поразителна, потенцирајќи дека за задржување на кадарот во земјата е потребен мултиресорки пристап така што таа може да зборува само за образованието.
„Добро е што државата имала Стратегија за спречување на одливот на мозоци, но за жал, не го постигнала ефектот кој бил предвиден при креирањето. Нема да се навраќаме назад и да бараме виновници. Како нова Влада преку мултиресорски пристап ќе се фокусираме на креирање нови мерки и активности со кои ќе го намалиме заминувањето на квалификуваниот и високообразован кадар“, рече Јаневска.
Стипендирањето во голема мера треба да стимулира упис на дефицитарни струки, па оттука и стипендиите на МОН веројатно ќе подлежат на ревизија. Зборувајќи за шангајските стипендии, министерката кажа дека очигледно е потребно реобмислување на начинот на кој тие се даваат и на начинот кој студентите треба да возвратат.
„Веќе се консултираме со повеќе студенти кои имаат искористено ваков тип на стипендија. Имаат интересни идеи кои ги размислуваме во моментов. Најчесто нотираат потреба за поголемо поврзување со компаниите во Македонија, бидејќи администрацијата нуди ограничени можности“, рече Јаневска, додавајќи дека Министерството прави дигитален регистар за евиденција на сите стипендисти, заради полесно лоцирање, вмрежување…
Младите, како што посочи Јаневска, треба да добијат повеќе можности за учество и развој во науката и затоа се планираат повеќе пари и враќање на финансирањето на научно – истражувачките проекти со апликативни цели, како и нивно вклучување во наставно – научните тимови во рамки на образовните установи каде недостига персонал.
Ќе се прошируваат и можностите за вмрежување на младите со младите од други земји преку Хоризонт, Еразмус и други програми за образование и наука.
„Ценам дека обврска е не само на институциите на системот, туку и на бизнис заедницата, на граѓанскиот сектор и на секој општествен чинител кој може да помогне, да даде придонес во справувањето со предизвикот како да ги задржиме младите во Македонија и да им овозможиме добра иднина тука“, додаде Јаневска.