А1 Македонија ја одржа третата годишна конференција “Women in Digital 2021”

 

Третата годишна конференција “Women in Digital 2021“ во организација на А1 Македонија која се одржа вчера во целосно онлајн формат отвори повеќе прашања, но и понуди одговори за повеќе теми поврзани со вештачката интелигенција, автоматизацијата и потребните вештини. 

На учесниците добредојде им посака Методија Мирчев Извршниот директор на А1 Македонија кој ја истакна важноста од дигитализацијата и родовата инклузивност. „Би сакал да истакнам дека ми претставува огромна чест што сум дел од компанија која во својот тим има 51% жени и повеќе од 42% жени на раководни позиции. Овие податоци се потврда на огромната улога која ја имаат жените во дигитализацијата на општеството. Темите на годинешната конференцијата се вештачката интелигенција и автоматизацијата. А1 Македонија е компанија која е свесна за можностите кои ни ги нудат овие технологии и кои се придобивките од автоматизацијата за нашето работење но и како вештачката интелигенција може да даде придонес за корисниците. Токму затоа го развивме виртуелниот чет-бот Славчо кој со помош на вештачка интелигенција може да разговара со корисниците и да им даде целосна поддршка за брзо и едноставно користење на нашите услуги. Покрај Славчо во компанијата имаме развиено и користиме роботи кои ни помагаат во автоматизацијата на интерните процеси.“ – истакна Мирчев.

Свое излагање имаше и Јетон Шаќири, Министер за информатичко општество и администрација кој ја истакна заложбата на владата за дигитализација на процесите во општеството како и важноста на вклученоста на жените во овие процеси.

Говорничката Ана Симиќ - Раководителка за маркетинг автоматизација и дигитална трансформација во А1 Телеком Австрија Групација даде свој осврт на темата што значи притисокот на дигиталната трансформација и како податоците и AI алатките ќе ни помогнат во решавање на модерните проблеми. 

Панел дискусијата во која учествуваа истакнати жени-професионалци од македонски и странски компании понуди одговори на важни прашања и соодветни решенија. На темите дискутираа: Ивана Доневска, Извршна директорка, USAA банка Чикаго, Симона Атанасовска, CodeWell AI Македонија, Ирена Ивановска, Семос Едукација Македонија и Маја Милосавлевска Наумовска, А1 Македонија. Панелистките дискутираа за брзиот напредок на вештачката интелигенција во овие времиња и колку таа е присутна во нашите животи. Се дискутираше за пристапот кој го имаат локалните и глобалните компании кон вештачката интелигенција и работните вештини на новото време.

Верица Јорданова од inovativnost.mk и модераторка на годинешната конференција, ја истакна важноста од организација на ваков вид настани потенцирајќи дека тие се од витална важност за дигиталната едукација и модернизација на бизнис секторот.

Со конференцијата Women in Digital која е во мапата на редовни активности на А1 Македонија, компанијата ја докажува својата посветеност за подигање на свесноста за важни и актуелни теми од областа на новите технологии, нуди можност за истакнување на жените како носителки на овие процеси и ја потврдува својата заложба да биде водич на граѓаните и бизнис секторот во дигиталниот свет.

Конференцијата “Women in Digital 2021” е достапна на следниот линк.