95% од возачите во Македонија се однесуваат силеџиски во сообраќајот - Бурни реакции откако згасна млад живот на „Партизанска“

Бурни реакции од страна на граѓаните по веста за најновата трагедија на „Партизанска“ во Скопје

Вчера откако 22-годишна девојка била удрена од автомобил на булеварот „Партизански одреди“. За жал девојката им подлегнала на повредите и починала на лице место.

Како што известуваат од МВР, несреќата се случила вчера во 23:43 часот, каде автомобил „пежо 207“ со скопски таблички управуван од В.Ј.(20) од Скопје, удрил во пешакот Ф.К.(22) од Скопје. 

- Мoрa да се донесат одлуки во општинските совети со кои ќе се забрани проектирање сообраќајни ленти на булеварите пошироки од минимумот од 3 метри (соодветно на ограничувањето на брзината во населени места од 50 km/h). Уште колку млади треба да се убијат меѓу себе додека вие паразити успеете една разумна одлука да донесете?!  - прашаа од граѓанската иницијатова Зелен Хуман Град. 

- Треба да почне полицијата со радикално мерки. 95 посто од возачите во Македонија се однесуваат силеџиски во сообраќајот. Како прво преголемата брзина, секој е со телефон во рака и разговара додека се вози и ако повеќето од возилата имат интегриран интерфон во колата. Се вози „слалом“ по патиштата за да бидат први на семафот. Никој не дава жмигавец не знам зашто. Децата седат без појас. Првата лента е секогаш полна со паркирани возила. Јас навистина не знам што е ова во Македонија. Културата е на ниво под 0. Луѓе освестете се. Секоја жртва во сообраќајот е една премногу, а размислите дека тоа може да биде и некој од Вашето семејство, го искажа својот револт една скопјанка. 

- Пред 3 години на Партизанска згасна животот на Викторија. Прегазена беше нејзината можност за живот, а не беше правдата целосно исполнета. Денес после точно 3 години повторно згасна млад живот на ист начин. Во тој простор од 3 години многу сообраќајни несреќи низ градовите и патиштата ширум државата. Водејќи го предметот за Викторија укажував на тоа дека казната треба да биде пропорционална со стореното дело и дека ваквиот вид на казнување поттикнува за жал нови сообраќајни незгоди со жртви. И кога ќе се вратиме назад, еве го епилогот од Пресудата за Викторија, ново семејство во црно, нова жртва...сподели адвокатот Владимир Михаиловиќ.