77 илјади пензионери живеат со помалку од 200 евра

Висината на пензиите во Македонија се движи од над 50 илјади денари до нешто над 10 илјади денари. Просечната пензија на повеќе од 300 илјади пензионери изнесува нешто над 15 илјади денари. Новата директорка на ПИОМ Билјана Јовановска за Денар вели дека пензионерите треба да бидат спокојни, нивните пензии и периодот што следи, навремено ќе им бидат исплатени. А во собранието веќе пратениците расправаат за измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Главните измени се однесуваат на тоа во пензија задолжително  да се оди на 64 години, исклучок ќе има само за одредени дефицитарни професии, објави Денар.МК .

Преземањето на раководната позиција на ПИОМ се случува во еден деликатен период кој претставува дополнителна одговорниост и обврска, вели  Билјана Јовановска директорка на Фондот. Признава дека ситуацијата на економски план е сложена но уверува дека пензиите ќе се исплаќаат редовно.

„Во моментот на моето именување за директор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, согласно податоците добиени од стручната служба на Фондот, финансиската состојба на Фондот е добра и стабилна, што значи дека реализацијата на приходите, и покрај тешката економска состојба со која се соочуваме предизвикана од пандемијата, се спроведува согласно планираната динамика. Воедно и исплатата на пензиите се врши редовно, дури последните 8 месеци и предвремено. Планираме со истото темпо да продолжиме и понатаму“, вели за Денар Билјана Јовановска

Што се однесува до финансиската кондиција на фондот, заклучно со октомври од државната каса или од буџетот на Македонија во ПИОМ се префрлени безмалку 300 милиони евра или еден отсто помалку во однос на ланската година.

Инаку, согласно последната исплата на пензии заклучно 31.10.2020 година брoјот на пензионери во земјава изнесува 324.379.

 Еве како во категории се поделени примателите на пензии :

216.673 се корисници на старосни пензии

74.012  се корисници на семејни пензии

32.506 се корисници на инвалидски пензии

87 се корисници на земјоделски пензии

1.101 се корисници на воени пензии

За идната година во буџетот на Фондот се предвидени средства за реализирање на ставката пензии во висина од над 1 милијарда евра, што пак претставува зголемување во однос на 2020та година за 4 отсто.

Податоците пак за висината на пензиите кои ги добиваат граѓаните во земјава зависи од оствареното право. Па така, во категоријата највисока пензија, таа се движи од 42 490 денари на граѓани кои  во пензија заминале до 31.12.1996 година. Додека пак највисоката е во износ од 53 691 илјади денари за право остварено од 01.01. 2020 година. И износот на најниската пензија која се исплаќа во Македонија зависи исто така од оствареното право. До истиот датум во 96-тата година граѓаните оствариле пензија која е во висина од 8 илјади денари, која се менувала низ годините и денес согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување се исплаќа загарантиран износ на најниска пензија која моментално е 10 240 денари. Вкупниот број на граѓани кои ја добиваат најниската пензија во земјава изнесува нешто над 77 илјади граѓани. Додека пак, просечната пензија во земјава изнесува 15 428 денари.

„Сегашните корисници на пензии, како и идните, немаат причина за загриженост, бидејќи досегашното работење, дури и во време на пандемија, покажува дека немало, ниту има доцнење на исплатата, туку напротив имаме предвремена исплата. Од друга страна, Фондот во соработка со Владата во континуитет работи на унапредување на правата од ПИО, како и изнаоѓање решенија кои се само во корист на граѓаните. Досегашниот сооднос на осигуреници корисници на пензии, заклучно со 31.12.2019 година е 1,81:1, односно 1 пензионер е покриен од 1,81 осигуреник. Со мерките за зголемување на вработеноста кои ги спроведува Владата на РСМ, овој сооднос може и да се подобри“, додава Јовановска.

А, предлог Законот за задолжително  пензионирање за сите што ќе наполнат 64 години и 15 години работен стаж е во собраниска процедура. Искучок ќе има само за медициските лица, и вработените во високото образование, кои ќе можат да продолжат со работа, обави денар.мк.