69-годишен пациент втора жртва годинава од грип

На Клиника за инфективни болести во Скопје почина 69-годишен пациент од внатрешноста на земјата, по компликации од грип, откако кај него лабораториски била потврдена инфлуенца А.

Станува збор за пациент кој бил донесен во исклучително тешка општа здравствена состојба, со веќе развиена масивна бронхопневмонија и акутен респираторен дистрес синдром, поради што бил поставен на механичка вентилација. Ова го потврди директорот на Клиниката, Фадил Цана, кој информира дека симптомите кај пациентот се развиле неколку дена пред хоспитализацијата.

Пациентот имал многубројни коморбидитети, меѓу кои и хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), и не бил вакциниран против сезонски грип, иако припаѓал на ризична група.

Во моментов, на Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани околу 30 пациенти заболени од грип, најчесто повозрасни лица со сериозни респираторни компликации и потешка клиничка слика. Претходно, на истата клиника почина и 75-годишна жена со потврдена инфлуенца А, која исто така имала повеќе хронични заболувања и не била вакцинирана.

Во меѓувреме, Институт за јавно здравје регистрира нагло зголемување на бројот на заболени од грип и заболувања слични на грип. Во првата недела од 2026 година, во периодот од 29 декември 2025 до 4 јануари 2026, биле пријавени 1.725 случаи, што е повеќе од двојно зголемување во однос на претходната недела. Највисока инциденца е евидентирана кај децата на возраст од 5 до 14 години.

Здравствените власти апелираат граѓаните, особено лицата од ризичните групи, навреме да се јават кај матичен лекар при појава на симптоми, да избегнуваат близок контакт со заболени лица и да ја разгледаат вакцинацијата како ефикасна превентивна мерка, особено кај хронично болните и повозрасните лица.