65-годишен скопјанец и неговата 59-годишна сопруга се уапсени за убиство на доктор - МВР со детали

Полицијата уапси две лица и го расветли убиството од март 2024 година во скопска Автокоманда каде смртно настрада доктор. 

- Полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода М.В.(65) и неговата сопруга С.В. (59), двајцата од Скопје, поради основи на сомнение дека на 21.03.2024 на паркинг во скопската населба Автокоманда, М.В. го убил А.Т., а С.В. му помогнала прикривајќи ги трагите, соопштија од МВР. 

По преземени мерки и активности од страна на полициските службеници, а врз основа на повеќе наредби издадени од јавен обвинител, обезбедени се докази и поднесена е кривична пријава против М.В. за кривично дело „убиство“ по член 123 став 1 од Кривичниот законик, а против С.В. за кривично дело помагање при извршување на кривичното дело.

- Осомничената С.В. се договорила со А.Т. да се најдат на паркингот во Автокоманда и влегла во неговиот автомобил, а кратко време потоа пристигнал и М.В., кој го извлекол А.Т. од автомобилот и со нож му нанел девет убодни рани, од кои А.Т. починал. Сопружниците заедно го ставиле телото на починатиот во автомобилот, по што М.В. го одвезол автомобилот до паркингот на Поликлиниката Железара, каде го префрлил починатиот на возачкото седиште. Осомничената со средство ги избришала трагите од автомобилот, по што двајцата заминале од местото на настанот, појаснуваат од полицијата.