„63 бели столчиња, 63 имиња, 63 животи што недостигаат“ - Најавен собир во чест на настраданите во „Пулс“

Во Паркот на Револуцијата во Кочани, в понеделник, 16. март, во 10 часот ќе се одржи тивок граѓански собир во спомен на настраданите во трагедијата во „Пулс“.

Со симболично мото „63 бели столчиња, 63 имиња, 63 животи што недостигаат“, настанот го организираат општина Кочани и Здружението „16 март 2025 Кочани“.

Граѓаните ќе се соберат за заеднички да им оддадат почит на 63 животи кои засекогаш ќе останат врежани во колективната меморија на градот.

На централниот простор во Паркот ќе бидат поставени 63 бели столчиња, секое означено со име и бела роза. Овој симболичен чин има за цел да потсети на празнината што остана во срцата на најблиските, но и во целата заедница.

- Ова не се само столчиња. Ова се 63 спомени, 63 приказни и 63 причини никогаш да не заборавиме, се наведува во поканата од организаторите на настанот. Секое празно место меѓу столчињата ќе биде нем сведок за тежината на загубата, но и за вечното сеќавање на оние кои повеќе не се физички присутни, стои во објавата од Здружението.

Со достоинство и тивко присуство, собирот ќе остави силна порака дека овие 63 животи продолжуваат да бидат дел од заедницата преку спомените што ги оставија зад себе.