
Денес 551 прваче во Центар за првпат го пречекори училишниот праг и започна една нова, убава животна приказна, сподели градоначалникот Горан Герасимовски кој утрово беше со првачињата од основното училиште „11 Октомври“.
„Утрово бев со првачињата во ООУ „11 Октомври“. Насмевки, возбуда, по некоја солза кај родителите и многу љубопитни детски погледи. Ме потсети на деновите кога моите Стефан и Борјан за првпат тргнаа на училиште и на чувството кое секој родител го памети засекогаш“, истакна тој.
Градоначалникот нагласи дека пред учениците се години исполнети со нови знаења, другарства, предизвици и безброј убави спомени.

„Наша задача е да бидеме покрај нив, да ги охрабруваме и да им создадеме услови во кои ќе можат безгрижно да учат, растат и сонуваат. Затоа продолжуваме со бесплатните ранци за првачињата и бесплатните униформи за сите ученици, а од оваа година започнуваме и со субвенционирање на оброкот за учениците од прво до трето одделение и бесплатни екскурзии за повозрасните ученици“, посочи Герасимовски.
Воедно тој им го честиташе првиот училишен ден на првачињата.
„Драги првачиња, бидете љубопитни, прашувајте, дружете се, помагајте си и никогаш не престанувајте да сонувате. Нека ви е среќен првиот училишен ден и нека ви е со среќа ова прекрасно патување“, порача Герасимовски.