50 основци од Гази Баба заедно со ученици од Словенија чистеа во „Парк шума“

Акција за чистење на парк шумата во општина Гази Баба – Скопје, насловена „Пријателство со природата, пријателство меѓу државите и децата – заштита на природата, храната и животната средина“ се одржа денеска во организација на Амбасадата на Република Словенија, а во партнерство со општината Гази Баба и Земјоделскиот институт – Скопје.

Целта на настанот, како што соопштија од Амбасадата на Република Словенија, беше да се подигне свеста кај младите од основното образование за зачувување на животната средина, како и за значењето на живиот свет, преку акција за чистење на парк шумата во Општина Гази Баба од отпадоци и едукативно-интерактивни содржини на отворено.

Во оваа акција беа вклучени околу 50-тина деца од основното образование во Општината Гази Баба, кои освен во акција за чистење на природата имаа можност да дознаат повеќе за словенечкото искуство од страна на своите соученици од Република Словенија кои преку платформата Microsoft teams директно се вклучија во настанот и разменија меѓусебно искуство.

Во настанот освен претставници од Амбасадата на Република Словенија, Општина Гази Баба и Земјоделскиот институт во Скопје како организатори на настанот, учество зема и заменик-министерот за образование и наука Лулзим Алиу, претставници од ОН делегацијата во РСМ, како и научните работници од Земјоделскиот институт – Скопје, кои преку заедничко дружење и неколку интересни алатки за анимација на децата, ги пренесоа круцијалните теми за природните циклуси, значењето на живиот свет, зачувување на природата, производството на храна и друго, информираа од Амбасадата.