Рибиното масло најчесто го поврзуваме со срцето, мозокот и воспалението, но неговите омега-3 масни киселини, EPA и DHA, се поврзуваат и со начинот на кој организмот ја обработува глукозата.

Photo by Supliful - Supplements On Demand on Unsplash
Важно е да се каже: рибиното масло не е лек за висок шеќер во крвта, а истражувањата не покажуваат секогаш исти резултати. Но, постојат неколку интересни начини на кои омега-3 мастите може да влијаат на метаболизмот.
Може да ја подобрат чувствителноста на инсулин
Некои истражувања покажуваат дека омега-3 суплементите можат да имаат позитивен ефект врз инсулинската чувствителност, особено кај луѓе кои веќе имаат метаболички нарушувања.
Може да влијаат врз нивото на шеќер на гладно
Мета-анализа на 30 студии открила намалување на шеќерот во крвта на гладно кај луѓе кои земале омега-3, иако резултатите меѓу студиите значително се разликувале.
Помагаат во метаболичкото здравје преку триглицеридите
Ова е една од најдобро потврдените придобивки на рибиното масло. Омега-3 мастите можат значително да ги намалат триглицеридите, масти во крвта кои често се поврзуваат со метаболичките нарушувања.
Може да бидат дел од начин на исхрана што го поддржува метаболизмот
Не станува збор само за капсула рибино масло. Исхрана богата со риба, јаткасти плодови, семки, зеленчук, интегрални житарки и други извори на незаситени масти е дел од медитеранскиот начин на исхрана, кој се поврзува со подобар метаболизам на глукозата.
Најдобро е да ги добиваме и од вистинска храна
Масната риба како лосос, сардина, скуша и харинга е природен извор на EPA и DHA. Наместо да се гледа на рибиното масло како на „брзо решение“ за шеќерот, подобар пристап е омега-3 мастите да бидат дел од целокупна, балансирана исхрана. Tука е важната разлика: рибиното масло може да биде корисно за метаболичкото и кардиоваскуларното здравје, но не треба да се користи како замена за терапија или за мерките што навистина го контролираат шеќерот во крвта.