48 часа гори депонија кај Ѓорче Петров, инспекторите на продолжен викенд

Да не се социјалните мрежи, инспекторите кои треба да ловат пиромани и да интервенираат кога некаде постои опасност за ширење на пожар од помали депонии, веројатно нема ни да реагираат. Таков е случајот со депонијата во Ѓорче Петров. Но, и покрај пишувањата на мрежите, депонијата два дена гори. Веројатно инспекторите ќе реагираат кога ќе се вратат од продолжен викенд.

Имено Фејсбук страната „Ѓорче Петров“ сподели видео на кое се гледа како дива депонија веќе два дена гори во општината и никој не презема ништо. Дури обвинуваат дека и надлежните фрлаат ѓубре тука.

- Веќе втор ден како гори депонијата во Ѓорче Петров кај пречистителната станица во Ново Село. Два дена неподнослив мирис и смрдеа, а ѓубрето не престанува да се истура! Цела зима бевме на врвот на листата на најзагадените места во Скопје и во Македонија. Каде се градоначалниците и одговорните? Кога некој од нив ќе се погрижи ова да биде минато? Не е прв пат да се случува ова, а во последно време се случува се почесто! Ќе превземе ли некој нешто ова да се спречи? Цело време читаме прилози како се чистеле депонии и се преземале мерки против загадувањето. Ова се тие мерки? На оваа депонија во Ѓорче Петров дури и надлежните фрлаат шут! До кога ќе се труеме?, стои во статусот на страната на Ѓорче Петров.

Со секоја ваква информација следното прашање кое се наметнува е загадувањето кое не чека зимава што доаѓа. Очигледно е дека нема да се спроведат сериозни мерки кои се неопходни за да може барем да се преполови она што не чека како темен облак над Скопје после декември. Застрашувачки е бидејќи параметрите за загаденост и во текот на летото, особено во Карпош беа високи.