40 милиони денари за патна инфраструктура во Раштак, Булачани и Виниче

Градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски, најави дека се обезбедени 40 милиони денари за патна инфраструктура во Раштак, Булачани и Виниче.

„Поради лошата состојба на регионалниот пат Бутел – Раштак, започнуваме со реконструкција и проширување на овој регионален пат во должина од пет километри, а на критичните места ќе поставиме потпорни ѕидови. Потоа ќе работиме и на изградба на патна делница во должина од два километри од локалитетот манастир св. Илија до населеното место Виниче, како и на изградба на патна делница од ООУ ‘Наум Охридски’ до викенд-населба по воденица во село Булачани“, рече тој.

Со реализацијата на овие три проекти, додаде, значително ќе го подобриме квалитетот на животот во овие средини.

„За овие три проекти општината веќе обезбеди средства во својот буџет во висина од 40 милиони денари кои се составен дел од предложениот ребаланс на буџетот, а кој од неразбирливи причини мнозинството во Советот на општината го блокира. Покрај подобрувањето на патната инфраструктура во населените места Раштак, Булачани и Виниче, континуирано работиме на поставување водомери и носење вода до секое домаќинство.
За населените места коишто гравитираат на Скопска Црна Гора во тек е проектирање, а во дел ќе се почне со реализација на фекална канализација со мали прочистителни станици чија цел е да се заштити и унапреди животната средина и да се подобрат условите за живот на граѓаните во руралните средини“, рече Георгиевски.