40 години од првиот албум на легендарните и незаменливи „Леб и сол“

Леб и сол е македонска џез/рок група, формирана на 1 јануари 1976, од нејзините основачи Влатко Стефановски и Бодан Арсовски, претходни членови на групата Брег со Мики Петковски, како и Никола Димушевски и Димитар Чочоровски.

Првите снимки Етида бр. 3, Деветка и Песна за нас, Леб и сол ги работеле во студиото на Радио Скопје, каде што успеале да ги реализираат за само два часа. Првиот настап надвор од СР Македонија им се случил во април 1977, во Нови Сад (тогашна СФРЈ), каде што настапиле како предгрупа на Драго Млинарец, по што добиле покана за учество на Младинскиот фестивал во Суботица. По освоената прва награда добиле можност за реализација на деби-албум, според договорот со продуцентската куќа ПГП РТБ. Тогаш со нив настапувал и Гарабет Тавитјан (кој неколку месеци претходно, по враќањето од војска  ѝ се приклучил на групата), кој својата огнена крштевка ја имал кон крајот на август истата година кога Леб и сол настапиле како предгрупа на Бијело Дугме на концерт кај Хајдучка чешма.

Под продуцентската палка на Јосип Бочек, некогашниот гитарист на групата Корни, во студиото на РТВ Нови Сад, септември 1977, Леб и сол го снимиле своето самонасловено деби-издание „Леб и сол“. На плочата во џез-рок стил се нашле девет песни, од кои дури шест биле инструменталки. Во нивната реализација учествувале сите членови на групата, но Стефановски бил најплодниот автор. Кон крајот на таа година зеле учество на седмиот Boom фестивал во Нови Сад, од каде што живите верзии на песните: У сенци и Под водом се нашле на фестивалската плоча „Boom 77“. Во пролетта 1978, на фестивалот во Опатија, во рамките на вечерта на обработки на етно-теми, тие ја извеле Абер дојде, Донке, по што добиле награда за најдобар уметнички впечаток и најуспешна примена на фолклорниот израз.

Понесени од големиот успех, матичната куќа ПГП РТБ им дала многу подобри услови за снимањето на втората плоча, како и награда за реализацијата на истата, со тогаш ценетата награда „Седум секретари на СКОЈ“. Читателите на списанието „Џубокс“ им доделиле најмногу гласови за 1978, по што Леб и сол биле избрани за најдобра група за таа година. Од тој период може да се издвои и нивната работа на музиката за театарската претстава Ослободување на Скопје во режија на Љубиша Ристиќ.

Нивниот трет албум бил насловен Ручни рад (1979), каде што нивниот стил се доближил кон џез музиката. Од таа плоча може да се издвојат песните Кумова слама, Верни пас, Ручни рад и други. Албумот бил снимен во тогаш најдоброто Студио 5 во Белград. По објавувањето на овој проект, Димушевски заминал од групата поради неговото вработување во ревискиот оркестар на РТВ Скопје, по што бил заменет од Мики Петковски и подоцна Драгиша Солдатовиќ-Лабиш, но набрзо останатите членови одлучиле да продолжат како трио. Во таа формација ја подготвиле музиката наменета за театарските и филмски претстави Диво месо, Убава Вида и Среќна Нова '49, а исто така интензивно размислувале за својата нова плоча Бесконачно која се нашла во продажба во 1981, и содржела обработка на народната песна Зајди. Други песни од тој албум биле Жива рана на Стефановски, Касно поподне на Тавитјан, Скакавац на Арсовски и други. Тавитјан, летото 1981 ги напуштил Леб и сол. После повеќе двоумења Драгољуб Ѓуричиќ стапува во сила како тапанар, и тоа по предлог на Лидија, сопругата на Бодан Арсовски. Со Ѓуричиќ Леб и сол веднаш ги започнале подготовките врзани за песните на мјузиклот на Коле Ангеловски - „Џон Пиплфокс“, и темите за театарската претстава Лет во место.

Следното LP Следовање, на коешто самите биле продуценти, го снимиле во студиото на Радио Скопје. На плочата се нашол хитот Носим твој жиг, како и обработка на традиционалната Миле Поп Јорданов. Летото 1982 со театарската група КПГТ биле на северноамериканска турнеја каде што настапувале по клубови и свиреле со групата Big Country. По враќањето, живиот материјал од загребскиот клуб Кулушиќ се нашол на двојната LP плоча насловен Акустична траума, и со тоа се збогувале од белградската куќа ПГП РТБ. Под налепница на загребскиот Југотон ги објавиле проектите: Калабалак (1983), Тангента (1984), а десетгодишнината на составот, во 1986, била одбележана со изданието Звучни зид, каде што се нашла применетата музика за филм, театар и телевизија. Тука се темите: Бушава азбука, Ослободување на Скопје, Тумба, тумба дивина, како и филмските песни Коштана и Шмекер. Во снимањето на албумот, покрај Влатко и Бодан, учествувале и Кокан и Гаро, кој во меѓувреме се вратил во групата, како и актерката Ана Костовска.

Во 1987 го издале проектот Као какао, според многумина е најамбициозниот во нивната дотогашна кариера. Во групата биле и клавијатуристот Кирил Џајковски и саксофонистот Гоце Мицанов, а како гости се појавиле Ана Костовска и Беби Дол, додека Рони Ватен свирел ирски гајди. На плочата, која во 1999 во Хрватска била прогласена како најуспешно CD-реиздание, се нашле девет вокални теми, од кои голем број станале хитови како Скопје, Као какао, Чувам ноћ од будних и други. На овој проект се нашла и извонредната Femme Fatale на хрватскиот кантавтор Арсен Дедиќ, а на која, по своја понуда се појави и српската пејачка Беби Дол. Кон крајот на 1987 година на престижната југословенска манифестација Месам, Као какао на Леб и сол добила три златни грамофони.

Последниот студиски проект на Леб и сол - Путујемо бил издаден во 1989 на којшто леб и сол повторно биле во оригиналната постава: Влатко, Бодан, Гаро и Кокан, кој се вратил на местото на Кирил Џајковски, кој пак заминал за Австралија. На плочата Путујемо се нашле хитовите: Исток-запад (телепатски), Чукни во дрво, Трач и други. Во снимањето на овој проект учествувале и Калиопи (придружни вокали), Кире Костов(флугелхорн) и Зоран Јовановиќ-Лима (саксофон и кларинет). На неколку концерти со Леб и сол настапил и Валентино Скендеровски.

Година дена подоцна, Влатко и Бодан ја основале издавачката куќа Third Ear Music, а како прво нејзино издание се јавува компакт-дискот „Зодијак“, од истоимениот рок-балет работен на сцената на МНТ. Ова е воедно и првиот компакт-диск во историјата на македонската музика. Во формација: Влатко, Бодан, Коко и Драгољуб (кој повторно се вратил во групата) во мај 1991, Леб и сол заминале на турнеја низ САД и Канада. Во Њујорк настапиле во култниот клуб CBGB, а снимениот материјал во есен истата година го објавиле под насловот Live in New York. На комапкт-дискот, покрај концертните верзии на темите Бистра вода, Јовано, Јованке и Абер дојде, Донке се нашла и студиската варијанта на традиционалната Учи ме мајко, карај ме.

Концертната промоција на американскиот проект, Леб и сол ја имале на 14 февруари 1992 година на скопското Сајмиште, пред десет-илјадна публика.

Во пролетта 1992 настапиле и во белградскиот Сава Центар, на четири распродадени концерти, што претходно им тргнало од рака само на кантавторот Ѓорѓе Балашевиќ и на светската атракција Gypsy Kings.

Во декември 1995 година Леб и сол, со Гаро зад тапаните, настапувале во хрватските градови: Загреб, Риека и Пула. Прошталниот концерт го имале на 13 декември, 1995 во клубот Милос во Солун, Грција, по што групата престанала со заедничко творење и настапување.  Денес сите членови на Леб и сол успешно работат на самостојни проекти.

Во мај 2006 членовите на групата го најавија реоформувањето за турнеја од неколку концерти низ Република Македонија, по што беше издаден компакт дискот насловен Live in Macedonia.