40 евра казна за аеродромец, оставил отпад покрај контејнер

Инспекторите на Општина Аеродром изминативе денови изрекоа глоба за депонирање кабаст отпад на булеварот „Јане Сандански“.

Имено, еден жител ќе треба да плати глоба во висина од 40 евра во денарска противвредност затоа што старите работи од домаќинството ги оставил покрај садовите за смет во општината. 

- Општина Аеродром и инспекциските служби се активни на терен, водејќи сметка за одржување чиста и средена општина. Во изминатиот период во неколку наврати Општина Аеродром упатуваше апели чија цел беше едукација и подигнување на свеста за граѓаните за депонирање на отпадот, со посебен акцент на кабастиот отпад, велат од општина Аеродром. 

Оттаму додаваат дека чиста и здрава животна средина е императив.

-Граѓаните и компаниите со поддршка на локалната самоуправа имаат обврска да придонесуваат во остварување на оваа цел. Општина Аеродром и понатаму ќе остане посветена во активностите за заштита на животна средина. Дел од тие активности се и изрекување санкции за сите оние кои не ги почитуваат законите. Апелираме до граѓаните на совесно и одговорно однесување. Само така ќе имаме чиста општина и убав Аеродром, порачаа од оваа скопска општина.