4 работи за кои сакам да и се извинам на мојата мајка

Мајките се нашето најголемо богатство во животот, а тоа често го сфаќаме подоцна во животот, по нашето детство и тинејџерски години. Многу често, повеќе време наоѓаме за нашите пријатели и познаници, отколку за нашата мајка, на која сепак и се потребни нашата љубов, внимание и поддршка.

Постојат многу грешки кои ги правиме кон личноста која е подготвена да даде и направи сѐ за нас.  Затоа, потребно е да и се извиниме на нашата мајка за овие работи.

Бидејќи се јавуваме ретко

Немаме проблем по неколку пати на ден да се слушаме со нашите пријатели, да чатуваме постојано, но кога треба да и се јавиме на нашата мајка, како да имаме голем проблем. Велиме дека нѐ оптеретуваат, а тие само се грижат за нас, повеќе од било која друга личност на светов. Тие ретко се лутат и иако нема да се јавиме долго, тие никогаш нема да не остават сами и заборавени, што и да се случи.

Бидејќи не ги слушаме нивните совети

Колку пати само ни дале совет кој сме го игнорирале. И, колку пати потоа сме сфатиле дека се во право. Кога би го вратиле времето назад, би ги послушале нивните совети веднаш. За луѓето кои не ни мислеа добро, за неволјите во кои западнавме, за сите моменти кога можевме поинаку да постапиме.

Не поминуваме доволно време со нив

Колку малку време наоѓаме за своите мајки. Успеваме низ купот обврски да најдеме време за сите нешта, а многу малку време за своите мајки. Како што старееме, повеќе и повеќе ќе го сфаќаме тоа. Колку заеднички моменти сме можеле да ги поминеме заедно, но не сме ги поминале. Се вадиме на стресот, нервозата, обврските. И тие го имаат истото, но секогаш се тука за нас.

Бидејќи пораснавме набрзина

Кога бевме мали деца, постојано ја бараме поддршката од нашите мајки. Тие беа со нас при првиот чекор, првото запче, првиот ден на училиште, првата симпатија и првото скршено срце. Ги споделувавме сите тие работи со нив. Одеднаш, добивме потреба да не им кажуваме толку многу работи, бидејќи сметаме дека не ни се потребни, дека сме пораснале.