3Д Принт медицинска опрема: Хероите кои ни ја враќаат вербата кога институциите потклекнуваат пред предизвиците

3Д Принт медицинска опрема е групата на Фејсбук која за неколку дена собра повеќе од 22.000 членови - со една цел, да се помогне онаму кадешто е најпотребно.

 

Таа започна како идеја на др. Ненад Лазаров и неколку други јунаци (Алдин Капетановиќ, Бојан Трајковски), кои забележувајќи ги предизвиците со кои се соочуваат здравствените работници, почнаа да изработуваат заштитни маски – визири за да ја олеснат нивната работа.

За мошне брзо време се собраа волонтери кои на располагање ги дадоа своите 3Д принтери, други се пријавија да бидат волонтери за достава на заштитната опрема,  а голем дел од граѓаните придонесоа и со своите донации така што за само неколки дена беа собрани повеќе од доволно средства за да се опслужат потребите на здравствените работници низ целата држава (600.000 денари).

Во групата често можат да се забележат постови за благодарност од поголемите клиники, но и малите амбуланти од различни делови од државата во кои овие членови мошне ажурно помагаат,  не само во Скопје, туку и во секое населено место.

Тие се хероите на ова време кое ни донесе сосема нови предизвици, но и кога сфаќаме дека политичарите и славните личности се неважни во споредба со групата граѓани кои искрено и волонтерски  ја нудат својата помош и поддршка на начин на којшто умеат да го прават тоа, со чисто срце. без скриена агенда. Тие ја враќаат вербата дека мала група на луѓе може навистина да направи голема промена.

Секоја чест за овие херои!