
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски учествува во Стратешки дијалог Македонија – САД, кој се одржува во Вашингтон, каде што се одржува втората сесија од овој важен билатерален процес.
- Стратешкиот дијалог претставува значајна платформа за продлабочување на соработката меѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, со фокус на безбедноста, владеењето на правото и институционалниот развој, посочија од МВР.
Во рамки на дијалогот, Министерството за внатрешни работи става силен акцент на зајакнување на граничната безбедност, борбата против организираниот криминал, нелегалната миграција и трговијата со дрога, како и унапредување на разузнавачката соработка со партнерските служби.
„Стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави е важен процес што носи конкретни резултати за безбедноста на нашите граѓани. Преку ова партнерство обезбедуваме посигурни граници, поефикасна борба против криминалот и модерни, отпорни институции“, истакна министерот Тошковски.
Особено значајна е поддршката од страна на САД во износ од над 3,5 милиони долари, наменета за јакнење на капацитетите на Министерството за внатрешни работи, што претставува директна инвестиција во безбедноста на државата.
- Паралелно, се работи и на унапредување на сајбер безбедноста преку техничка поддршка, обуки и модернизација на системите, со цел поефикасна заштита на институциите и критичната инфраструктура. Соединетите Американски Држави остануваат најважен стратешки партнер на државата и силен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и демократските капацитети, велат од МВР.