33,04% од вкупното резидентно население во земјава живее во Скопскиот регион

Скопскиот регион е единствен од сите осум статистички региони во државата каде во последните 20 години има раст на бројот на жители, домаќинства и станови. Во него живеат 33,04 проценти од вкупното резидентно население во земјава и е најгусто населен со 334,99 жители на километар квадратен.

Вардарскиот регион е единствен каде што има намалување и на населението, но и на домаќинствата и становите. Има загубено 10,23 проценти од населението и е најретко населен регион со 34,3 жители на метар квадратен.

Процентуално најголем пад во бројот на население имаат Југозападниот регион – 19,93% и Источниот регион – 17,39%. Интересно е дека, иако бројот на жители во последните 20 години и во двата статистички региони е намален, бројот на станови бележи раст од 26,09% и 14,32%.

Полошкиот регион, иако за 20 години има загубено најголем број на население во апсолутни бројки – 52 573, е втор најгусто населен регион со 104,1 жител на квадратен километар.

Пелагонискиот регион, кој територијално е најголем од сите статистички региони, за 20 години загубил 11,63 проценти или по 5,8 жители на квадратен километар и е трет по вкупниот број на жители со 210 431.

Југоисточниот регион за 20 години има загубено 13,43 проценти од жителите, додека Североисточниот регион 11,46 проценти или по 8,4 и по 8,5 жители на квадратен километар.

Според податоците од Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 – вкупното резидентно население во земјава изнесува 1 836 713 лица.

Скопски регион

Во Скопскиот регион живеат најголем број жители – 607 007 или 33,04 проценти од вкупното резидентно население, иако е најмал по површина и опфаќа само 1 812 квадратни километри или 7,3 отсто од територијата на државата. Ова е и најгусто населен регион со 334,99 жители на квадратен километар.

Ова е единствен од сите осум региони каде е зголемен бројот на жители за 28 863, што е по 15,9 жители на квадратен километар или 4,99 проценти во однос на 2002 година.  И во 2002 година регионот бил на прво место по бројот на жители со 28,51 отсто од вкупното население.

Во последните 20 години, заедно со растот на населението, има и раст на домаќинствата – 29 204 или 15,14% и раст на становите – 54 858 или 22,55%.

Процентуално најголем раст имаат Студеничани – 27,39%, Шуто Оризари – 23,68%, Сопиште – 18,69% и Петровец – 10,84%, а потоа следат Илинден – 9,70%, Арачиново – 9,30%, Сарај – 8,45%, Чучер-Сандево – 8,32%, Кисела Вода – 8,26%, Аеродром – 7,95%, Ѓорче Петров – 7,71%, Карпош – 6,86%  и  Бутел – 1,60%.

Во апсолутни бројки најголем раст има Аеродром – 5 726, што е по 262 жители на метар квадратен. Истовремено, бројот на домаќинства е зголемен за 6 400 или 22,94 %, а бројот на станови за 11 583 или 32,78%.

Пад на населението имаат Зелениково – 17,67%, Гази Баба – 4,12%, Чаир – 3,45% и Центар – 3,24%.

Интересно е што Гази Баба и Центар, иако загубиле по 2 991 и 2 237 жители, во последните 20 години го зголемиле бројот на домаќинства и станови. Во Гази Баба бројот на домаќинства е зголемен за 2 173 или 9,65%, а на станови за 3 738 или 14,05%, додека во Центар бројот на домаќинства е зголемен за 1 712 или 10,04%, а на станови 8 217 или 30,37%.