
Првата испорака од вкупно 3.300 нови контејнери пристигна во Скопје, а нивното распоредување низ градот започнува денеска. Ова го објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, посочувајќи дека станува збор за најголемата набавка на контејнери во историјата на градот.
„Ги заменуваме скршените и дотраени контејнери, го зголемуваме нивниот број и обезбедуваме повеќе места за правилно одлагање на отпадот“, наведува Ѓорѓиевски.

Тој најави дека следната недела во функција ќе бидат пуштени и новите камиони за собирање смет, со што, како што посочува, треба да се подобри ефикасноста на собирањето отпад и да се придонесе за почисти населби низ Скопје.
Градоначалникот информираше и дека новите контејнери се набавени по цена двојно пониска од онаа што, според него, ја плаќале неговите претходници.

„Истите контејнери, за кои моите претходници плаќале по 18.600 денари, ние ги набавуваме по двојно пониска цена. И тоа во време на глобален раст на цените“, објави Ѓорѓиевски.
Дополнително, набавени се и 60 контејнери за селектирање стакло, со цел овој отпад да се собира одделно и да се упатува на рециклирање.

„Вашите пари се заработени со труд и наша обврска е да ги трошиме чесно, разумно и одговорно“, порача градоначалникот, додавајќи дека со одделното собирање на стаклото ќе се намалува количината на мешан отпад и ќе се придонесува за заштита на животната средина.