Скопје утре ќе биде домаќин на уште една фудбалска средба, но натпреварот меѓу Македонија и Шкотска носи со себе и нешто повеќе од 90 минути фудбал.

Во градот се очекуваат околу 3.200 шкотски навивачи, дел од познатата „Тартан армија“, која традиционално ги следи своите репрезентативци на гостувањата низ Европа.
Шкотските навивачи веќе пристигнуваат во Скопје, а најголемиот број се очекува денеска и утре. Дел од нив ќе се собираат во центарот на градот и околу ирскиот паб на кејот на Вардар, каде што се очекува да има песни, дружење и препознатливата атмосфера што ја следи шкотската репрезентација.
„Тартан армијата“ е една од најпрепознатливите навивачки групи во европскиот фудбал. Нејзиното име потекнува од традиционалниот шкотски тартан – препознатливата карирана ткаенина која е дел од шкотското културно наследство. Навивачите често доаѓаат облечени во килтови, со знамиња и шалови, а песната е неизоставен дел од нивните гостувања.
За Шкотите, патувањето со репрезентацијата одамна е повеќе од следење натпревар. Тоа е своевидна традиција и начин да се запознае градот во кој гостуваат, да се сретнат со локалните жители и да се создадат нови пријателства.
Македонија и Шкотска – приказна која започна во Скопје
Историјата на дуелите меѓу Македонија и Шкотска не е долга, но првата средба остави убаво сеќавање кај македонските навивачи. Двете репрезентации првпат се сретнаа на 6 септември 2008 година, во квалификациите за Светското првенство во 2010 година. Натпреварот се играше во Скопје, а Македонија славеше со 1:0 со голот на Иле Наумоски.
Тоа беше една од оние вечери кога Скопје живееше за фудбалот. Македонската репрезентација успеа да го совлада противникот, а на трибините имаше и голем број шкотски навивачи.
Една година подоцна, репрезентациите повторно се сретнаа, овојпат во Глазгов. Шкотска победи со 2:0. Во квалификациите за Светското првенство во 2014 година следуваше реми од 1:1 во Глазгов, а последниот натпревар меѓу двете селекции се одигра во Скопје на 10 септември 2013 година. Шкотите тогаш победија со 2:1.
По повеќе од 13 години, Шкотска повторно се враќа во Скопје.