На 30 септември 1927 година во Прилеп е роден Димитар Кондовски, македонски сликар, илустратор, сценограф, графичар и педагог. Со своето творештво остави значаен белег во македонската ликовна уметност во втората половина на XX век.

Кондовски дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград во 1952 година, во класата на Недељко Гвозденовиќ. Во текот на кариерата престојувал и творел во повеќе европски уметнички средини, меѓу кои Париз и Рим, каде што специјализирал ѕидно сликарство.
Неговиот уметнички израз постепено се издвоил од реалистичните тенденции карактеристични за дел од повоената уметност. Во неговите композиции се препознаваат геометризирани форми, силна орнаментика и симболични знаци, а инспирација наоѓал во средновековното македонско и византиското сликарство, како и во народната традиција.
Важен дел од неговото творештво се илустрациите за македонски народни приказни и бајки. Во нив Кондовски не ги илустрирал приказните буквално, туку создавал стилизирани композиции во кои ликовите, предметите и орнаментите добиваат симболично значење. Во периодот од 1982 до 1984 година изработил 82 илустрации за седум македонски бајки.

Покрај сликарството и илустрацијата, Кондовски работел и на монументални композиции, сценографија и графички решенија. Меѓу неговите позначајни дела се „Големиот утрешен ден“ во Железарницата во Скопје, „Св. Кирил и Методиј“ во Ватикан и „Тројно единство“ во Домот на културата во Гостивар.
Бил активен и како педагог. Предавал ликовно воспитување, работел на Педагошката академија во Скопје и бил професор на Факултетот за ликовни уметности. Во 1991 година бил избран за дописен член на Македонската академија на науките и уметностите.
Кондовски беше присутен и на меѓународната уметничка сцена. Негови самостојни изложби биле организирани во Скопје, Загреб, Рим и Њујорк, а неговите дела биле претставувани и на други меѓународни изложби. Починa на 10 август 1993 година во Скопје, на 65-годишна возраст.

Денес, неговото творештво е особено препознатливо по начинот на кој старите симболи, фолклорните мотиви и елементи од средновековната уметност ги преточил во современ ликовен јазик. Токму оваа врска меѓу наследството и модерниот уметнички израз го издвојува Кондовски во историјата на македонската уметност.