30 години од атентатот врз Киро Глигоров - кој ја стави бомбата кај „Бристол“ се уште останува мистерија

На 3. октомври во 1995 година, едвај 4 години од прогласување на независност на државата, беше извршен атентат врз првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров, напад кој тој го преживеа со тешки повреди на главата, но кој и по три децении останува една од најголемите мистерии во поновата македонска историја, со сè уште отворена истрага против непознат сторител.

Кобниот 3 октомври 1995 година, во 9:50 часот, на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“, експлодираше автомобил-бомба „цитроен ами 8“ во моментот кога службеното возило на претседателот се движеше кон неговиот кабинет во Собранието. Истрагата утврди дека нападот бил добро организиран: автомобилот бил наполнет со 20 килограми експлозив од југословенско производство, а возилото на претседателот било забавено од „фиќо“ за да се обезбеди максимална ефикасност на експлозијата.

Во нападот, на лице место загина возачот на претседателот, Александар Спировски, а подоцна од повредите почина и случајниот минувач Христо Христоманов. Покрај претседателот Глигоров, повредени беа и неговиот телохранител Илчо Теовски и граѓаните Климе Коробар и Јован Атанасовски.

Експлозивната направа била производство на ЈНА, а содржела еден килограм пластичен експлозив, со стотици челични топчиња кои имаат смртоносно дејство во радиус од околу 50 метри. Автомобилот „ами-8“ бил намерно избран за поставување на бомбата, затоа што има тенок лим.

Тогашниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски на првата прес- конференција организирана во тогашните американски простории во центарот во Скопје, изјави дека во организацијата на атентатот е вклучена една мултинационална финансиско-економска групација, практично со седиште во една соседна земја.

Иако истрагата понуди неколку можни насоки, до денес остана енигма кој стоел зад атентатот. Со текот на годините се спомнуваа повеќе можни нарачатели: од српско-руското подземје, југословенската тајна служба „КОС“, бугарската фирма „Мултигруп“, па сè до т.н. „Братиславска врска“ и домашни служби.