30 дена без интернет: Можете ли да го постигнете тоа?

Интернетот стана многу важен и неопходен дел од нашето живеење, барем така е за мнозинството луѓе кои функционираат денес.

Тој стана моќна алатка за остварување на голем дел од работата, но и за комуникација со луѓето кои ни се драги или пак со кои споделуваме слични ставови и вредности. Денес, не мора да си зависник од интернет за да сфатиш дека интернетот има големо влијание на твојот живот. Но, за жал најголем дел од нас се зависници од интернетот и огромен број од нас воопшто не се свесни колку време и како минуваат онлајн.

Дали сте свесни дека се помалку ги гледате своите пријатели мислејќи дека е доволно со нив да разговарате онлјан? Дали сте свесни дека се опседнувате со некакви симптоми и болести со постојаното пребарување и станувате хипохондрици? Дали сте свесни дека често се опседнувате со животите на другите луѓе мислејќи дека се посреќни и поисполнети од вас? Дали сте свесни дека голем дел од главоболките ви се предизвикани од постојаното гледање во телефон или компјутер? Дали можете да направите разлика меѓу корисното и некорисното време кое го минувате на интернет?

Луѓето кои живееле во изминатите години, па и векови многу тешко би разбрале што ни се случува денес. Како мислите дека луѓето од 19 век би реагирале на тоа дека постојано сме поврзани со нашите пријатели, колеги и шефови онлјан 24/7, благодарение на малите уреди кои ги носиме каде и да одиме? Веројатно би било многу тешко да се објасни што правиме денес и како така станавме луѓе роботи. За тие луѓе кои живееле некогаш еден месец без интернет би било навистина лесно, бидејќи тие живееле живот каков што живееле и целосно несвесни за предностите и недостатоците на нашите мали уреди.

Зошто треба да одберете 30 дена без интернет?

Иако навистина е тешко да се постигне тоа, особено бидејќи за голем дел од нас работата се одвива на компјутер, тоа што можете да го направите е да заборавите на интернетот барем во вашето слободно време. Да излезете на пауза од работа и наместо во телефонот, да погледнете во луѓето и природата околу вас. Да се потрудите вашето време после работа и факултет да го искористите на поинаков продуктивен начин.  Да седнете со вашите деца, да им раскажете приказна, наместо да ги пуштите да гледаат во таблетот, додека вие гледате во вашиот телефон.

Што ќе постигнете?

За почеток, ќе забележите дека сте порелаксирани без постојаните известувања (нотификации) на вашиот уред. Ќе ви биде полесно да поставите приоритети, но и да се фокусирате на нештата кои сакате да ги направите. Потоа, наместо да поминате часови гледајќи во животите на другите луѓе, ќе направите нешто корисно за себе – ќе го средите својот плакар, ќе прочитате книга, ќе одите во кино, во природа, во театар, ќе се видите со вашите пријатели. Најважното од се е дека ќе го одморите вашиот мозок,но и вашето тело од сите звуци, светлина и напор кои доаѓаат од интернетот.

Ќе научите да не се занимавате со неважните нешта и постојано да барате некаква забава на интернет.

Пробајте. Обидете се барем една недела за почеток.