
27-годишен маж од Македонија бил застрелан и убиен во Берлин во раните утрински часови во понеделникот, јавуваат германските и албанските медиуми.
Убиството се случило околу 02:40 часот на раскрсницата во берлинската населба Нојкелн.
Берлинската полиција официјално потврди дека биле испукани повеќе куршуми кон 27-годишникот. Тој бил тешко погоден, а полицајците и екипите на Итната помош веднаш започнале со реанимација, но и покрај обидите да му го спасат животот, младиот човек починал на местото на настанот.
Според информациите што ги пренесуваат регионалните медиуми, жртвата потекнувала од Радуша. Се наведува дека двајца мажи го следеле 27-годишникот, по што кон него биле испукани повеќе куршуми. Еден од куршумите, според медиумските извештаи, го погодил во пределот на главата.
Напаѓачите веднаш по пукањето побегнале и сè уште се бараат.
Германските власти засега официјално не соопштуваат детали за нивниот идентитет.
На местото на убиството бил извршен детален увид, а истражителите ги обезбедувале и анализирале пронајдените чаури.
Берлинската полиција во официјалното соопштение не го објави идентитетот на жртвата, ниту дополнителни информации за можната заднина на убиството.