27-годишен кавадарчанец е пронајден удавен во Брегалница

Во десниот магистрален канал на хидросистемот „Брегалница“, во близина на кочанското село Бања, доцна вчера попладне е пронајдено безживотното тело на 27-годишниот Р.А. од Кавадарци, кој завчера беше пријавен дека е исчезнат.

-Полициски службеници во соработка со вработени од водостопанската подружница „Брегалница“ и од Територијалната противпожарна единица попладнево околу 19 часот го најдоа телото на исчезнатото лице кај еден од испустите за вода во близина на црквата во Бања. По наше барање претходно беше намален водостојот во каналот, со што потрагата беше олеснета. Лицето паднало во каналот за наводнување кај селото Тркање додека работело на инсталација на фотоволтаична централа за електрична енергија, по што негов колега случајот го пријавил во Полициската станица, изјави вчера Александар Максимов, началник на Одделението за внатрешни работи од Кочани.

Увид на местото на настанот прават полициски екипи, а повикан е и јавен обвинител од Кочани кој треба да одреди дали ќе се врши обдукција врз телото на починатиот.