25 пожари во изминатото деноноќие - на четири места сѐ уште гори

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопштија дека во изминатото деноноќие во земјава биле регистрирани вкупно 25 пожари на отворен простор, од кои четири се активни, a три се ставени под контрола.

Од ЦУК додаваат дека 18 пожари се целосно изгаснати.

Активни пожари има на подрачјето на општина Студеничани, каде што гори мешана шума на потегот од селото Моране кон селата Вртекица и Рамни Габер.

Пожар избувнал и кај Видуш, Драгов Дол и Локвица во општина Македонски Брод, каде што гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.

Активен е и пожарот во атарот на селото С’лп, на територијата на општините Велес и Зелениково. Огнот се шири кон селата Карабуњиште, Добрино и Тисовица.

Пожар има и на подрачјето на општините Јегуновце и Сарај, кај селата Копанце и Туденце, каде што огнот се шири кон Бојане.