25-годишен беровец украл возило, па возел без возачка и пијан - на полициски „стоп“ почнал да бега

Лишено од слобода лице во Берово за противправно одземање возило и безобѕирно управување под дејство на алкохол и без возачка дозвола.

Како што информираат од МВР, ноќеска во 01:15 часот на улица „Индустриска“ во Берово, полициски службеници од ОВР Берово го лишиле од слобода Е.Џ.(25) од Берово. Тој бил затекнат при управување на моторно возило кое претходно било противправно одземено на подрачјето на Берово, а по даден знак за запирање се дало во бегство.

По преземени мерки и активности, истиот бил сопрен и лишен од слобода, поради основи на сомнение дека сторил кривично дело „oдземање на моторно возило“ по член 242 став (1) од КЗ на РСМ.

При лишувањето од слобода извршено е алкотестирање, при што биле измерени 1,96 промили алкохол во крвта. Исто така, било констатирано дека лицето управувало моторно возило без да поседува важечка возачка дозвола, со што постои основано сомнение дека е сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од КЗ на РСМ.

За настанот е известен надлежен јавен обвинител и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава, додаваат од МВР.