25 години од масакрот кај Љуботенски бачила

На денешен ден 2001 година околу 8 часот наутро кај месноста Љуботенски бачила камион на Армијата на Македонија налетa на две нагазни мини при што загинаа осум војници од резервниот состав.

Во силната експлозија животот го загубиле осум припадници на резервниот состав на Армијата, додека уште осуммина биле повредени. По експлозијата започнала повеќечасовна престрелка меѓу припадници на ОНА и втората чета на Третиот баталјон, од која биле и загинатите припадници.

Во текот на борбите бил извршен и воздушен напад со хеликоптери Ми-24, по што формацијата на ОНА се повлекла.

Животот го загубија: Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски.

На овој ден се оддава почит и на Ацо Ангеловски кој во 2000 година загина во Арачиново при вооружен напад врз полициска патрола.

Делегација од Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана, предводена од началникот на ГШ, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска ќе положи цвеќе во спомен на осумтемина припадници на резервниот состав на Армијата кои загинаа во 2001 година кај месноста Љуботенски бачила.

Во рамки на чествувањето делегацијата ќе положи цвеќе на повеќе спомен-обележја посветени на загинатите бранители, соопшти Генералштабот на Армијата.

Во 8 часот ќе биде положено цвеќе кај спомен-обележјето на паднатиот бранител Томислав Настевски во Општина Ѓорче Петров, по што во 8:30 часот ќе се одржи оддавање почит кај споменикот на паднатите бранители во селото Волково.

Предвидено е во 10 часот делегацијата да положи венци кај споменикот на загинатите бранители во селото Љубанци, а во 12 часот и кај спомен-плочата во касарната „Илинден“.

Со активностите ќе биде одбележан споменот на припадниците на резервниот состав на Армијата кои ги загубија животите во конфликтот во 2001 година.