24-годишник со автоматски пиштол пукал кон човек во Чаир, куршумите завршиле во паркирани возила

Скопското основно јавно обвинителство поднесе обвинение против 24-годишник од Скопје кој се товари за две кривични дела – неовластено држење на оружје, како и за предизвикување општа опасност.

Како што информираат од обвинителството, обвинетиот на 2 ноември минатата година, неовластено држел автоматски пиштол марка ЦЗ ВЗ61 Шкорпион, како и 10 куршуми за тој пиштол со калибар 7,65 милиметри.

На критичниот ден, на улица „Цветан Димов“ во скопски Чаир, тој забележал едно лице и испукал неколку куршуми кон него, со што со умисла презел општо опасно дејствие и го загрозил животот на оштетениот. Во настанот биле оштетени три паркирани возила.

Бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство и можност обвинетиот да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за продолжување на претходно определениот притвор.​