200 волонтери се вклучија во акцијата за чистење на Водно

Повеќе од 200 волонтери од Град Скопје, јавните градски претпријатија, Пивара Скопје, Пакомак, Мен енд Маунтен и амбасадите на САД, Швајцарија, Велика Британија и Холандија денеска во акција за чистење на патеките, местата за рекреација и паркинзите на Водно, како дел од најголемата еколошка акција за чистење на зелениот штит на Скопје.

Ефектот од оваа акција е двоен - за секои 10 килограми собран отпад ќе биде засадено по едно дрвце.

- Сакам да се заблагодарам на сите партнери кои помагаат да ја реализираме оваа фантастична иницијатива. Пред се, тука се претставниците на приватниот сектор кои ја покренаа оваа иницијатива и со кои ќе постигнеме Водно да биде почисто и поубаво место за скопјани. Сакам да се заблагодарам и на претставниците на дипломатските претставништва и на сите оние кои активно се вклучија во денешните активности. Денешната акција е навистина посебна затоа што во неа се вклучуваат 100 волонтери од приватниот сектор и од организациите кои се активно вклучени во овој проект, но и 100 волонтери од Градот Скопје, од средните училишта на Град Скопје, од комуналното претпријатие и волонтери кои доаѓаат од општините Гази Баба и Кисела Вода кои преку своите јавни претпријатија придонесуваат Водно да го исчистиме во интерес на сите граѓани – рече градоначалничката Данела Арсовска, на стартот на денешната акција за чистење.

Таа упати апел до граѓаните да придонесат за чиста природа без отпад кој треба соодветно да се собира, депонира и рециклира. Неопходно е, нагласи Арсовска, да се подигне свесноста на граѓаните дека оваа природа е природниот штит на градот Скопје.