20 правила за вистинска љубов: Секогаш избирајте љубов!

Психологот Џералд Роџерс напишал отворено писмо откако поминал низ тежок развод. Останал без жената со која 16 години бил во брак, а тоа можеби и не би се случило доколку некој му ги кажал овие работи кои денес тој ги споделува со нас.

1. Никогаш не престанувај да ѝ се додворуваш. Никогаш не престанувај да излегуваш со неа на состаноци. Никогаш немој да ја сфаќаш здраво за готово. Кога си ја прашал дали ќе омажи за тебе, ти си ѝ ветил дека секогаш ќе го чуваш нејзиното срце. Тоа е највредното богатство кое некогаш ќе го имаш. Таа те одбрала тебе. Никогаш немој да го заборавиш тоа.

2. Заштити го своето срце. Баш како што си ѝ ветил дека ќе го штитиш нејзиното, мораш и своето подеднакво да го штитиш. Целосно сакај се самиот себеси и светот околу тебе, но зачувај и еден дел од срцето во кој никој нема да може да влезе освен твојата сопруга. Тој простор мора секогаш да ѝ припаѓа на неа.

3. Постојано заљубувај се во неа. Вие не сте истите луѓе кои сте биле пред да се венчате, ниту пак ќе бидете истите луѓе за 5 години од сега. Промените постојано се случуваат и затоа морате постојано да се избирате еден со друг. Таа не мора да остане со тебе и ако ти не водиш сметка за нејзиното срце, таа можеби ќе го подари на некој друг или едноставно ќе те избрка од своето. Секогаш бори се да ја освоиш нејзината љубов, исто како и кога си ѝ се додворувал.

4. Секогаш гледај го најдоброто во неа. Фокусирај се само на она што го сакаш. Она на коешто се концентрираш со тек на време ќе се прошири. Ако се фокусираш само на она што те нервира, ќе видиш само уште повеќе причини за нервирање. Ако се фокусираш на она што го сакаш, ќе ги гледаш само тие работи. Фокусирај се толку многу што нема да можеш да видиш ништо освен љубов и ќе сфатиш дека си најсреќниот човек на планетата.

5. Не е твоја работа да ја менуваш или да ја „поправаш“. Твоја работа е да ја сакаш баш онаква каква што е, без очекувања дека ќе се промени. Ако се промени, тогаш сакај го она во коешто се претворила.

6. Преземи одговорност за своите чувства. Ти си одговорен за пронаоѓање на сопствената среќа, а кога си среќен тоа ќе се префрли и во твојата врска и љубов.

7. Не ја обвинувај неа за своите сопствени фрустрации. Тоа се твои чувства и твоја одговорност. Кога ќе почувствуваш негативни чувства, добро размисли за тоа што е причината поради која си бесен и фрустриран.

8. Ако е тажна или изнервирана, не е твое да ѝ го поправиш расположението, туку да ја прегрнеш и да ѝ дадеш до знаење дека си покрај неа, дека ја разбираш, дека ти е важна и дека секогаш ќе бидеш столб на кој може да се потпре. Женскиот дух е полн со чувства и промени, а нејзините чувства одвреме-навреме ќе излегуваат на површина како бура, а ако ти останеш прибран и силен, таа ќе ти ја отвори својата душа. А кога тоа ќе се случи – НЕМОЈ ДА БЕГАШ.

9. Не се сфаќај себеси толку сериозно. Смеј се! И измамувај насмевка и на нејзиното лице!

10. Секој ден нека се чувствува сакано. Научи го нејзиниот љубовен јазик и што е она што прави таа да се чувствува посебно, ценето и убаво.

11. Биди присутен. Не ѝ го давај само своето време, туку и вниманието, љубовта и душата.

12. Обрни внимание на нејзината сексуална енергија. Воодушеви ја со својата мажествена енергија и допри до најдлабоките делови од нејзината душа.

13. Не биди идиот. А немој ни да се плашиш поради тоа што понекогаш ќе бидеш идиот. Ќе правиш грешки, а и таа ќе прави грешки – тоа е нормално. Само труди се да не правиш преголеми грешки и учи од оние грешки кои веќе си ги направил. Не треба да бидеш совршен, само треба да се потрудиш да не бидеш глупав.

14. Мора да ѝ оставиш простор. Понекогаш ќе ѝ биде потребно време и за себе, особено ако имате деца, за да не се изгуби себеси во целиот тој процес.

15. Биди ранлив. Не мора секогаш да бидеш прибран. Мораш понекогаш да ги споделуваш своите стравови и чувства и да признаеш кога ќе згрешиш.

16. Биди отворен. Ако сакаш да имаш доверба во врската, мораш со неа да споделуваш сѐ. Особено оние работи кои не сакаш да ги споделиш. Потребно е храброст за човек да сака во целост и целосно да го отвори своето срце. Но, ако те сака, мора да те сака во целост, баш онаков каков што си. Тоа е единствен начин да имаш вистинска љубов.

17. Растете заедно. Ако не работите на врската, врската ќе се скрши. Пронајдете заеднички цели, соништа и визии и растете заедно обидувајќи се да ги достигнете.

18. Не се грижи толку за пари. Не е лесно, но со заеднички напори може да изградите добар живот. Пронајдете ги вашите најсилни страни и двајцата движете се во иста насока.

19. Простувај. Простувај и фокусирај се на иднината, а не на она што било. Ако цело време се враќаш на грешките од минатото, тоа само ќе ве влече назад и ќе прави да стоите во место и нема да можете да напредувате. Простувањето е слобода.

20. Секогаш избирај љубов! СЕКОГАШ ИЗБИРАЈ ЉУБОВ! На крајот на краиштата, ова е единствениот совет кој навистина ти треба. Ако ова е принцип до кој секојдневно се држиш, вашата љубов ќе премине преку сите препреки.