20 илјади евра, накит...Меѓу пластичните шишиња и ѓубре во скопска Дрисла

Меѓу пластичните шишиња, стара и валкана облека, ѓубре во скопска Дрисла има се’, па дури пари, накит...

Се случувало и вработени од депонијата и неформални собирачи на смет да наоѓаат и пари со помала вредност од 200-300 долари, а најден е и златен прстен.

Најмногу пари во ѓубрето се наоѓале во времето кога во земјава присуствуваа војниците на НАТО.

Неформалните собирачи на смет кога ќе најдат некој вреден предмет не го пријавуваат, додека вработените во депонијата имаат обврска да го пријават во дирекцијата, но досега немало таков случај.

По грешка граѓани во ѓубре фрлале и по 20 илјади евра, па потоа оделе да ги бараат во депонијата.

-Еден скопјанец во кантата за смет по грешка ја фрлил кутијата во која чувале 20 илјади евра. За среќа, човекот се сетил на парите уште истиот ден кога дошол камионот да го собира сметот. Во камионот немаше многу ѓубре, за среќа околу три тони. Бевме замолени да го истовариме ѓубрето на страна и сите почнаа да го пребаруваат. За кратко време успеаја да ги најдат, а наш вработен доби и награда“, раскажува еден од вработените во депонијата на Дрисла.

Се случува некогаш и вредни предмети да бидат фрлени, но да не може да ги најдеме.

-Еден млад дечко дојде кај нас со молба да проба да ја пронајде кутијата со накит на неговата жена кој бил во вредност од 10 илјади евра, чисетјќи низ домот жената по грешка го фрлила. Барајќи низ шлеперот кој тој ден го пренесувал ѓубрето до Дрисла,  не можел да ја најде кутијата. На заминување понуди и награда од 500 евра за вработен во депонијата што ќе го најде“, вели вработениот.