19 европски стратешки проекти го вклучуваат бакарот – „И Здравје и Работа“ бара дебата за рударството заснована на факти

Додека Европската Унија ги проширува активностите за обезбедување критични минерални суровини, во Македонија продолжува дебатата за иднината на домашните рударски проекти. Од вкупно 46 нови стратешки проекти на ЕУ, дури 19 го вклучуваат бакарот, а европската стратегија опфаќа ископ, преработка и рециклирање на минералните суровини.

Во Македонија, проектот „Иловица-Штука“ останува во центарот на дискусиите за можностите и условите за развој на рударството. На последната јавна расправа за нацртот на Просторниот план на Македонија, проектот беше критикуван од дел од активистите, додека локалната иницијатива „И Здравје и Работа“ повика на поаргументиран пристап кон искористувањето на минералниот потенцијал.

Според иницијативата, одлуките за рударските проекти треба да се засноваат на научни истражувања, стручни анализи и објективна проценка на придобивките и ризиците.

„Кога дебатата за рударството се сведува на политички пароли и категорично отфрлање на нови инвестиции, без сериозно разгледување на фактите, државата ризикува да се откаже од развојни можности, а граѓаните од потенцијални работни места и економски перспективи“, се наведува во соопштението на иницијативата.

Од 46-те проекти на ЕУ, осум се за ископ, 11 за преработка и 19 за рециклирање, додека осум комбинираат повеќе фази од синџирот на суровини. За нив се предвидени европски финансиски механизми и забрзани постапки за издавање дозволи. Европскиот пристап ја отвора и домашната дилема: како Македонија да го процени својот минерален потенцијал без однапред да ги отфрла можностите, но и без да ги занемари еколошките стандарди и интересите на локалното население.

За „И Здравје и Работа“, суштината на дебатата е во квалитетот на аргументите и одговорноста при носењето одлуки што можат да влијаат врз идниот економски развој на државата.

„Комисијата ги оцени тие пријави во однос на нивниот придонес кон безбедноста на снабдувањето на Унијата со стратешки суровини, техничката изводливост, одржливото спроведување и прекуграничните придобивки“, соопштија од ЕК.

Во проектите доминира бакарот. Овој метал ќе се експлоатира од рудници во Грција (проектот „Скуриес“), Шпанија (проектот „Кобре Сан Рафаел“), Финска (проектот „Суханко“ и проектот за рудникот „Хауталампи“), Полска ( проектот за рудник „Ретков- Гродишче“) и Шведска (проектот за рудник „Вискарија“). Бакар ќе се преработува и во Бугарија (проект Пирдоп) и Белгија (проект OREON), а ќе се рециклира во уште единаесет постројки во Полска, Италија, Германија, Грција, Белгија и Холандија. 

„Со овој втор бран на стратешки проекти, Европа ги засилува своите напори како никогаш досега за да ја врати својата сувереност над критичните суровини. Ги користиме сите расположливи средства за отворање на рудници, развивање на нашите капацитети за преработка и рециклирање и обезбедување на нашите синџири на снабдување. Нашиот пристап е едноставен: намалување на зависноста и зголемување на производството во Европа. Ги имаме ресурсите, проектите и финансиските средства – сега го забрзуваме темпото“, изјави Стефан Сежурне, извршен потпретседател на ЕК за индустриска стратегија.

Македонија се очекува да препознава стратешки проекти во рударството по усвојувањето на најавените нови закони за рударство и за геологија, кои предвидуваат и Листа на критични минерали.

Претходно од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информирајќи за усвоената Стратегија за минерални суровини 2026-2046,  истакнаа дека Македонија располага со разновиден геолошки потенцијал, меѓу кој има олово, цинк, бакар, злато, антимон и никел, како и мермер, травертин, гранит и варовник.

„Еден од главните приоритети е поголем дел од економската вредност да се создава во земјата. Тоа подразбира поголема поврзаност на рударството со домашното производство, развој на преработувачки и други индустриски капацитети и примена на современи технологии. Паралелно, се поставуваат повисоки стандарди за заштита на животната средина, транспарентност и заштита на јавниот интерес. Стратегијата е усогласена со европските политики, вклучително и Европскиот акт за критични суровини, што создава можности за поголемо вклучување на Македонија во европските индустриски синџири“, соопштија од Министерството.

Инаку, стратешките проекти на ЕУ утврдени со првиот повик во 2025-тата година веќе напредуваат кон целта да станат оперативни.

Досега, 25 стратешки проекти ја завршиле проценката на влијанието врз животната средина, а 17 добиле градежна дозвола, благодарение на постоењето на единствени контакт-точки во земјите на Унијата кои помагаат да се забрзаат постапките за издавање дозволи.