1,8 милиони патници на скопскиот и охридскиот аеродром во првите 9 месеци од 2018 година

За девет месеци  преку Меѓународниот aеродром Скопје и охридскиот аеродром Свети Апостол Павле патувале 1,8 милиони патници.

Ова го соопшти компанијата која управува со двата аеродроми а инфомрациите покажуваат дека од јануари до септември 2018 година, бројот на летови на двата аеродромa изнесува 15.395, со годишен пораст од 12%.

- Завршивме уште една фреквентна летна сезона на двата аеродрома, во Скопје и во Охрид и сега сме подготвени за зимската сезона која ќе почне на крајот од октомври со новиот зимски распоред на летови. Сумирајќи ги изминатите месеци важно е да се истакне дека по успешно завршените дискусии и преговори, на 1 јуни 2018 година, ЛОТ Полиш ерлајнс влезе на македонскиот пазар отворајќи ја новата линија Варшава - Скопје, со фреквенција од 6 лета неделно меѓу двата главни градови. На охридскиот аеродром отворивме 4 нови сезонски летови – Истанбул, Ајндховен, Талин и Варшава, додека од ноември 2018 Виена, како уште една нова дестинација и регуларна авиолинија ќе биде отворена од Охрид. Очекуваме да продолжиме со истото темпо на двоцифрен пораст на патничкиот сообраќај до крајот на 2018 година, којшто е повисок од официјалниот просек на ЕУ од 4,8% (јули 2018) и повисок од просечниот раст од 6,8% на патнички сообраќај на аеродромите кои не се во ЕУ, според ACI Europe - изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија. 

Патниците најмногу патувале кон Истанбул (двата аеродроми Ататурк и Сабиха Гокчен, со 10,8% пазарен удел), Цирих (7,8%), Виена (5,7%), Базел (5,3%), Малме (4,5%) и Братислава (3,4%). 

Во однос на пазарниот удел на авиокомпаниите во вкупниот патнички сообраќај, Виз ер го превезе најголемиот број на патници со 60,3% удел на пазарот, а потоа следуваат Туркиш ерлајнс (7,8%), Аустриан ерлјанс (5,7%), Германиа флуг (4,5%), Пегасус ерлајнс (3,7%), Кроација ерлајнс (3,4%). 

Покрај постојаниот двоцифрен пораст на патничкиот сообраќај, ТАВ Македонија бележи и значаен годишен пораст на карго-сообраќајот на скопскиот аеродром во првите 9 месеци од 2018 година, кој изнесува 2.676 тони и е поголем за 22% споредено со истиот период во 2017 година. Меѓународниот аеродром Скопје е поврзан со 37 редовни авиолинии во текот на целата година, опслужени од 12 авиокомпании, и 4 чартер дестинации (летна сезона), опслужени од 6 авиокомпании. 

Охридскиот аеродром Свети Апостол Павле има 3 редовни авиолинии во текот на целата година и 8 сезонски дестинации, опслужувани од 12 авиокомпании.