17 нови пациенти примени во Скопје, се затвораат неколку ковид-центри

Во изминатото деноноќие во Скопје биле хоспитализирани 17 пациенти поради компликации предизвикани од коронавирусот. 

Вкупно 258 лица сомнителни и потврдени за Ковид 19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град, а голем дел од нив се на кислородна поддршка. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 42 оздравени пациенти.

Бројот на приеми во изминативе денови се намалува  и утрово до 8 часот имало 340 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.

Од утрово поради намалениот број на пациенти се затворени  ковид центрите на Клиниката за Кардиологија, Клиниката за ОРЛ, Клиниката за Очни Болести и Институтот за Физикална терапија. Од почетокот на неделава без ковид пациенти се и Клиниките за Урологија и Пластична Хирургија кои веќе почаа со редовен хируршки програм. Во петок ќе се затвори и ковид центарот на Клиниката за Трауматологија при ТОАРИЛУЦ и од понеделник Клиниката за ортопедија и Клиниката за трауматологија започнуваат со редовен хируршки програм.

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 649 и има околу 900 празни болнички кревети во ковид центрите.

Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.

Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.