136 санкционирани возачи во Скопје, 46 за брзо возење

Министерството за внатрешни работи известува дека во текот на вчерашниот ден (15.04) продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот.

Така, на територијата на град Скопје изречени се вкупно 136 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 46, шест за возење без возачка дозвола, три за нерегистрирани возила.

Исто така, изречени се уште 10 санкции за користење мобилен телефон, четири за минување на затворен сигнал (црвено светло), три за некористење сигурносен појас, и 41 санкција за непрописно паркирани возила.

Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови, а МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта.