125 згради во повеќе делови од Скопје сè уште немаат греење

Речиси 10.000 семејства се приклучиле на мрежата на парно греење во последните пет години. Од нив, над 4.000 се нови објекти, а околу 5.500 се потрошувачи што биле исклучени, но решиле повторно да се вратат во системот. Трендот на исклучување што се појави пред десетина години полека се надминува, велат во снабдувачот „Балкан енерџи“, пренесува Независен

Најголем број семејства што повторно се приклучуваат има во Општина Аеродром, во населбите Аеродром и Ново Лисиче, но позитивниот тренд е присутен и во другите општини. Аеродром изминатите години се соочуваше и со најголемото загадување на воздухот, особено во зимските месеци, што во најголем дел е резултат и на затоплувањето со фосилни горива, најчесто дрва.

Во БЕГ сметаат дека трендот на повторно вклучување кон системот за централно греење е како резултат на високиот комфор што го нуди овој тип затоплување, но и поволните цени во последните години. Според нивните информации, во моментов топлина од БЕГ земаат речиси 63.000 семејства во Скопје. Состојбата е малку поинаква во снабдувачот „Скопје Север“, чија мрежа не е поврзана со таа на останатите три топлани во градот. „Скопје Север“ има помалку од 300 корисници, повисоки цени и постојан тренд на исклучување.

„Корисниците имаат обезбеден комфор и загреани домови согласно стандардите, односно температури во домовите не пониски од 20+1 Целзиусов степен. Доколку надворешните температури се пониски, во текот на регулираниот период се испорачува поголемо количество топлинска енергија, информираат од „Блкан енерџи“.

Од БЕГ информираат дека иако е намален бројот на дефекти со кои почнала грејнава сезона, сепак 125 згради во повеќе делови од Скопје сè уште немаат греење.

„Причината за ваквиот статус на овие објекти е ненавремено санирање на дефектите на внатрешна инсталација од страна на потрошувачите, ненамирени трошоци за електрична енергија за топлинската станица или проблеми со снабдувањето со електрична енергија на топлинската станица, како и оневозможен пристап за нашите екипи во топлинската станица со цел истата да се стави во работна положба, односно да се изврши проверка, отворат вентили и да се вклучат пумпи. Испораката на топлинска енергија може инцидентно да биде прекината и поради одреден проблем или дефект во топлинската станица, а во тој случај екипите на компанијата реагираат во најбрз рок во насока на нормализирање на испораката“, велат во компанијата.

Ниту годинава нема да има промена на временскиот период на затоплување, од пет наутро до 22 часот навечер. За дополнително затоплување во вечерните часови, велат во БЕГ, немаат поддршка од законските и подзаконските прописи.

„При испораката на топлинска енергија се обезбедува оптимална потрошувачка на топлинска енергија со минимални трошоци за греење на корисниците. Во овој регулиран период, согласно законските и подзаконските акти, ‘Балкан енерџи’ е обврзан да испорачува топлинска енергија во строго утврдениот рок и согласно правилата“, информираат од БЕГ.