122 години од раѓањето на Методија Андонов – Ченто

На денешен ден во 1902 година во Прилеп е роден Методија Андонов - Ченто, македонски револуционер и државник, прв претседател на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ и прв претседател на Президиумот на АСНОМ.

Тој се борел за правата и за слободата на македонскиот народ, за вистината за Македонија. Поради несогласување со некои ставови на тогашниот режим на ДФ Југославија, во 1946 година, со пресуда на Окружниот суд во Скопје, бил осуден според Законот за кривични дела против народот и државата и тоа со лишување од слобода 11 години.

Затворен е во скопскиот затвор „Идризово“ каде во најтешки услови бил во „специјалната ќелија“ и бил чуван од посебна стража и му биле дозволувани триесет минутни прошетки на одредено место во затворот и еднаш неделно биле дозволувани посети на членовите на неговото семејство. Додека бил во затвор, властите често му нуделе да признае и потпише дека згрешил и се покајува, по што животот ќе му бил наполно обезбеден.

Пуштен е условно на 4 септември 1955 година, по одлежани 9 години и 4 месеци затвор. Сепак затворскиот живот остава траги врз неговото здравје. Бара од Тито да му дадат пасош за да отиде да се лечи во Швајцарија, но бил одбиен. Осамен и во тешки болки и маки, Ченто на 24 јули 1957 умира од рак на желудникот, во својот дом во Прилеп. И по излегувањето од затворот не се откажал од идеите на самостојна и обединета Македонија.