1,2 милиони патници од Македонија летале со „Виз-ер“

Во 2017 година „Виз ер“, водечкиот авиопревозник во Македонија, превезе 1,2 милиони патници на нискобуџетните македонски авиолинии, што претставува пораст од 20 проценти на годишно ниво и поддржува 900 локални работни места во придружните индустрии.

Од компанијата информираат дека во текот на годината „Виз ер“ ја проширија својата скопска флота на четири авиони и воведе четири нови авиолинии од главниот град на Македонија до Будимпешта, Малта, Рим и Ваксјо.

„Минатата година беше година на масовна експанзија на ‘Виз ер’. Постигнавме значителен пораст во сите аспекти на бизнисот со што ‘Виз ер’ стана една од најбрзорастечките авиокомпании поставувајќи темели за континуиран раст во текот на следната декада. Со нашиот докажан бизнис-модел со ултра ниски трошоци, висококвалификуван тим ориентиран кон клиентите, млада и модерна флота и одлична вредност на услугите, позиционирани сме како авиокомпанија која ја бираат доброинформирани патници-патувачи во сите земји каде што летаме, и ќе продолжиме со конзистентниот и брз пораст носејќи уште повеќе можности во Европа и пошироко“, изјави Јозеф Варади, главен извршен директор на „Виз ер“.

Со новонајавената линија Охрид – Виена, „Виз ер“ сега нуди 30 нискобуџетни дестинации во 14 земји од двата аеродрома во Македонија, во Скопје и во Охрид.

„Очекуваме ‘Виз ер’ да продолжи со развојот на нивниот бизнис на македонскиот пазар, притоа инвестирајќи во нови дестинации и зголемување на фреквенциите на постојните авиолинии. Сите новововедени дестинации во овој сегмент се докажаа како успешни, односно ја зголемија побарувачката уште повеќе. ТАВ Македонија, како и секогаш, и понатаму ќе остане фокусирана кон проширување на мрежата на авиолинии, но исто така и кон главната цел – да обезбедиме висококвалитетни услуги за нашите патници и за нашите клиенти“, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

„Виз ер“ објави дека во текот на 2017 година имаше рекорден број патници од македонските аеродроми, значително ги прошири своите операции, направи најголема нарачка на воздухоплови, почна делумно спонзорирана шема за обука на аспиранти за пилоти и воведе бројни подобрувања на искуството на клиентите.

ТАВ Македонија ја заврши 2017 година со 2 милиона патници (2.027.344) на скопскиот и охридскиот аеродром, што претставува пораст за 13 проценти споредено со 2016 година. Во исто време со порастот на патничкиот авиосообраќај, вкупниот број летови на двата аеродрома во Скопје и во Охрид е зголемен за 7 проценти, достигнувајќи 18.130 летови во 2017 година.