Да се биде девојче отсекогаш било чин на храброст. Да растеш, да зборуваш, да мислиш, да мечтаеш, тоа значи да бидеш човек.

Photo by Andriyko Podilnyk on Unsplash
Денес, на Меѓународниот ден на девојчињата, се потсетуваме дека зад секоја насмевка стои тивка револуција: генерации жени кои не ги чекаа условите да станат подобри, туку самите ги создадоа. Да се биде девојче е да носиш историја во своето тело и иднина во својот глас.
Корените на една борба
Во поранешна Југославија, идејата за еднаквост беше темел на новото општество. Жените работеа рамо до рамо со мажите, се описменуваа, добиваа пристап до образование и професии што порано им беа забранети. Нашите баби беа првите што се качија на трактори, што предаваа во училници, што носеа бел мантил и беа лекари, медицинарки, наставнички, инженери. Тоа не беше лесно, зад сликите на напредок имаше и замор, но и недоразбирање, и страв, како и огромна решителност да се изгради свет во кој нивните ќерки ќе можат да изберат свој пат.
Жената тогаш беше симбол на обновата. Во фабриките, во училиштата, во домовите за култура, тие ја носеа иднината во своите раце. Социјализмот можеби не ја донесе вистинската рамноправност, но го отвори просторот за неа да се замисли, да се изговори. Токму таму почна приказната за современата девојка, како продолжение на една борба што никогаш не завршува, само се менува.
Денешниот свет и невидливиот товар во ова општество
Денес живееме во време на повеќе можности отколку кога било. Девојчињата учат, патуваат, зборуваат повеќе јазици, отвораат компании, водат организации, создаваат уметност, се кандидираат на избори. Но истовремено, светот им поставува нови барања — да бидат успешни, убави, емпатични, силни, но не премногу; гласни, но не непријатни; совршени, но скромни. Секоја генерација жени носи свои тивки битки: некои во канцелариите каде што нивниот глас сè уште се мери, други во домовите каде што нивната слобода се преговара секој ден.
Современата девојка живее во свет што ја поттикнува да се искачи високо, но често ја прашува дали има право на просторот што го зазема. И токму затоа нејзината храброст е уште поголема. Да продолжиш да веруваш во своите способности, во свет што те прекинува постојано, е форма на отпор. Но, колку блиску или далеку сме, како општество, од она што постои во современите западни општества? Македонија, како и многу земји во регионот, сè уште живее меѓу два света: традицијата што ја држи врзана и желбата за напредок што ја турка напред. Многу девојчиња растат со пораки што звучат добро на хартија „сè можеш ако се потрудиш“, „учењето е сила“, „жените денес имаат еднакви можности“, но секојдневието им покажува нешто друго.

Photo by Oleksandr Skochko on Unsplash
Младите девојки често се соочуваат со стереотипи што почнуваат уште од детството. Им се кажува како „соодветно“ треба да се облекуваат, како да се однесуваат, кога се „премногу гласни“ или „премногу видливи“. Им се сугерира дека треба да изберат „практична“ професија, нешто „сигурно“ и „пристојно“, наместо да сонуваат за свет на наука, уметност, политика или технологија. Кога ќе ја изразат својата сила, често им се вели да бидат „скромни“. Кога ќе ја покажат својата ранливост, им се вели да бидат „постабилни“.
Иако учат за родова рамноправност, често ја гледаат нејзината спротивност во сопствениот дом. Многу девојчиња растат гледајќи како мајките носат најголем дел од товарот — и во домот, и на работа — без признание. Гледаат дека татковците имаат последен збор, дека женската амбиција се мери според семејните обврски, дека љубезноста е очекување, а самостојноста се гледа како закана. И тоа создава тивок судир меѓу она што го слушаат и она што го живеат.
Женската солидарност како мост
Она што нè поврзува низ генерации е сестринството. Таа невидлива нишка меѓу жените што не мора да се познаваат, но се препознаваат. Девојката од Југославија и девојката од денешна Македонија можеби живеат различни животи, но ги делат истите прашања: колку вреди мојот труд, кој го дефинира мојот глас, и што значи да бидам своја?
Од бабите што ја научија азбуката под кандило, до девојките што денес ја учат вештачката интелигенција — секоја е дел од иста приказна за отпор и љубов.
Да бидеме сведоци на сопствената промена
Да се биде девојка денес значи да го држиш светот во едната рака, а своето срце во другата. Да знаеш дека можеш да бидеш и амбициозна и нежна, и ранлива и храбра, и дека токму во тие спротивности се крие човечноста. Да го бараш своето место не затоа што некој ќе ти го даде, туку затоа што знаеш дека си го заслужила.
Секоја девојка што влегува во простории каде што пред неа немало никој, што поставува прашања, што не прифаќа да се извинува за своето постоење, е доказ дека иднината веќе започнала. И секоја жена што ја охрабрува друга жена да зборува, го менува светот повеќе отколку што ќе покаже било која статистика.
Денес, повеќе од кога било, треба да се сетиме дека девојчињата не бараат дозвола за да сонуваат — тие градат мостови таму каде што некогаш имаше ѕидови.
Нека овој ден биде потсетник дека правата не се подарок, туку резултат на генерации храброст. Да ги славиме сите девојки, оние што сè уште бараат свој пат, оние што се изгубиле и повторно се нашле, оние што не се плашат од светот кој постојано им кажува какви треба да бидат.
Зашто секоја девојка што ја менува својата судбина, навистина, го менува и светот.